Молитвената накана на епископот Стојанов за мај 2025 година е посветена на папата Фрањо и новиот Петров наследик, а гласи:
Во месец мај, кој е посветен на Пресвета Богородица – Мајка на Црквата – мојата молитвена накана ја насочувам кон два посебни моменти од животот на Универзалната Црква.
Најпрво, со благодарност да го спомнеме во нашите молитви покојниот Свет Отец, папата Фрањо. Неговиот живот беше живо сведоштво за тоа како се сака стадото, а неговиот понтификат глас за милосрдие кон оние во потреба. Сега, кога го заврши своето земно служење, со вера и надеж го предаваме на Оној Кој „не е Бог на мртвите, туку на живите“ (Матеј 22,32), молејќи Небесниот Отец да го прими во Своето Царството.
Исто така да молиме за дарот на Светиот Дух за новиот Петров наследник, да биде пастир според Срцето Исусово, кој ќе продолжи правилно да го предава Словото на Божјата вистина. Нека биде мост за единство, чувар на верата и преданието на Црквата и пророк на надежта. Пресвета Богородица нека го закрилува новиот Петров наследник и нека го води Божјиот народ по патот на светоста.
к.мк