Во Кина уапсен бискуп лојален на Рим

Во Кина уапсен бискуп лојален на Рим

Монсињор Питер Шао Жумин, бискуп на бискупијата Јонџие во кинеската провинција Жеџијанг, повторно е уапсен, по една година откако беше ослободен од притвор.

Бискупот Жумин е уапсен заедно со неговиот секретар, Паоло Џијанг Сунијан. Тие беа уапсени на почетокот на годинава, но нема информации каде се наоѓаат и дали се ослободени.

Медиумите објавија дека бискупот и неговиот секретар биле спречени да присуствуваат на погребот на починатиот свештеник Лео Чен Наилијанг, кој бил лојален на Рим и неистомисленик од Кинеската комунистичка партија (ККП).

Монсињор Жумин (59) е хиротонисан за помошен бискуп на Јонџие во префектурата Венџоу на 10 ноември 2011 година. Службата дијацезантски ординариј ја презеде на 7 септември 2016 година, по смртта на бискупот Винцент Жу Веи – Фанга.

Тој беше под притисок на властите бидејќи неговото именување не беше одобрено од Државната бискупска конференција на Католичката црква во Кина (BCCCC) и Кинеското патриотско католичко здружение (CCPA). Покрај тоа, тој постојано одбиваше да се приклучи на црковните тела признати од властите.

Од 2011 година неколку пати е затворан. Пред последното апсење, тој последен пат беше приведен на 7 април 2022 година, за да не може со своите верници да ги слави обредите на Страсната седмица и Велигден.

Пред тоа, полицијата го уапсила на 25 октомври 2021 година поради „туризам“ и го ослободила две недели подоцна.

Во 2017 година, Ватикан објави ретко соопштение во која изразува голема загриженост поради принудното отстранување на монсињор Жумин од неговото бискупско седиште.

Сепак, неговата ситуација не се подобри и покрај потпишувањето на Привремената спогодба меѓу Светиот Престол и Народна Република Кина за именување епископи во 2018 година, која беше продолжена во октомври 2020 и октомври 2022 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот