Врз основа на Светото Писмо и вдахновението на Светиот Дух можеме да кажеме дека Бог секој човек го повикува кон себе! Човекот може да бега од Бога, да се крие како Адам, да лута низ целата земја како Каин, може да вкуси да живее без Бога, да го отстранува од свеста, да го заборава, но Бог секогаш одново го повикува. По крштението тој повик станува сѐ посилен и посилен, стануваме синови Божји и ќерки Божји. Секој повик вклучува и послание, а тоа се состои од остварувањето на повикот. Основниот повик на секој христијанин е светоста и сведочењето за Бога. Во тој општ повик на соработка, Бог некои личности ги повикува и на еден потесен вид на заедништво со него, ги повикува одблиску да го следат во монашки и свештенички живот.
Живееме во време на криза за тој повик, затоа честопати си го поставуваме прашањето: дали е Бог тој кој нѐ повикува или проблемот е во човекот што не одговара? Едно е сигурно: дека Бог повикува и денес како и во другите времиња. Прашањето е: дали го слушаме тој глас? Бог е трпелив и го чека нашиот одговор. Тој глас најдобро ќе го слушнеме и разбереме во атмосфера на молитва која е простор на заедништво и блискост. Молитвата се раѓа и расте во меѓусебниот однос со Бога. Таа е простор за созревање на изборот на повикот и за неговото секојдневно обновување, набљудувајќи го Неговото лице. Да пробаме да го слушнеме Божјиот глас во луѓето кои секојдневно нѐ опкружуваат: молитва за другите. Да се тргне на тој пат значи да се разбере животот како никогаш завршен процес, како проект кој треба постојано да го усовршуваме.
Оставајќи сѐ…
Примерите од Светото Писмо ни покажуваат дека во коренот на секој автентичен повик стои Бог кој повикува, кој го прави првиот чекор. Таа прекрасна сцена ни ја оставиле браќата Симон и Андреј како и другите двајца браќа – Јаков и Иван Заведееви (МК 1, 16 – 20). Го напуштаат таткото, коработ и мрежите. Не се работи за некое јуначко откажување колку за фактот дека ги зафатила нова реалност, дека се исполнети со сигурност на која неможат да и одолеат.
Прво што Евангелието го наведува е Исусовото „ги виде“: гледајќи ги Симон и Андреј. Тоа „ги виде“ втемелува уште нешто ново и постојано, означува чудесна средба на личност со личност. После средбата со Исус се случува еден нов почеток во животот на овие луѓе, тоа е почеток кој го одбележува целиот нивен живот. Исус ги повикува: Врви по мене! Тој не им предлага никаква програма на она што ќе се работи, не дава предлози и ветувања, не настојува да ги наговори да го следат, едноставно повикува. Тој повик во потполност се однесува на Исусовата личност, Он е тој кој треба да се следи. Не треба да се насочуваат кон некоја програма или некои работи, туку кон личноста Исус Христос. Од средбата на Исуса со овие луѓе го гледаме повикот дека нема општо значење, туку е насочен кон одредени личности. Тие потполно му се доверуваат нему. Она што Исуса им го дарува е неговата блискост.
Симон и Андреј ги оставаат своите мрежи, Јаков и Иван својот татко Заведеев. Да се одлучиш за наследување на Христос значи да се остави сегашниот начин на живот. Врз основа на тоа мерило ученикот се одлучува да остави сѐ зад себе и сѐ што може да го задржи и да биде слободно на располагање на Исуса. Овие ученици не одредуваат на која заедница ќе припаѓаат, туку што прави Исус. Со своите повици, во заедница од Исуса кој ги повикува се отсликува Црквата, како место за наследување на Христос. Ќе ве направам ловци на луѓе! Новата задача на овие луѓе има карактер на сеопшто послание, без граници, за сите луѓе. Врви по мене… Додека размислуваме за повикот на наследување на Христа, да пробаме и себе да се пронајдеме во него.
Врви по мене…
Можеби истиот тој глас честопати тропа на вратата од твоето срце и чека за промена на брегот, да ја оставиш старата порта, да испловиш од етаблираниот начин на живот. Како овие ученици дозволи му на Христос да влезе во твојот животен простор во твоето секојдневие. Предај му го тоа каков што си, сѐ што имаш, својата вистина без кратење. Овие луѓе со своите животи ни дале – како многу свештеници, монаси и монахињи – пример дека нешто мора да се остави затоа што нешто и се среќава подоцна (се добива); се остава затоа што оној кој се среќава (се добива) – е Оној кој што е сѐ.
Духовни позив/к.мк