Уште како дете, Еврозија покажала одлична посветеност кон доброто. По својот карактер и таа имала некои слабости со кои требало да води борба, за да ги искорени. По природа била гневлива, но употребила таква сила, што успеала да се ослободи од гневот, иако на лицето ѝ се појавувала црвена боја, знак на внатрешната борба. Всушност, мајка ѝ помагала за да го исчисти своето срце од несовршенство. Малата Еврозија имала еден жив пример во своето семејство што ја насочувал кон доброто и благородното. Таа особено била приврзана кон својот најстар брат Јосиф, со кого подоцна ќе биде поврзана низ целиот свој живот. Кога Јосиф, првородениот син во семејството Алоати имал 6 години, покажал особена наклонетост кон свештеничкото звање. Негови најсакани игри биле да прави мали олтари и да си замислува дека веќе е свештеник. Тој набожно застанувал пред малиот олтар и ја читал светата Литургија, давал благослов, пеел песни на Бога, на Пресвета Богородица и на светците. Со големо задоволство малиот Јосиф сакал да проповеда, да ги причестува своите верници, да ги извршува набожно сите работи како еден примерен свештеник. Се разбира, сите овие нешта биле невини и вдахновени од љубов кон Бога и од неговата голема желба да му служи. Еврозија, иако имала само четири години многу сакала да го гледа својот брат кога ја играл улогата на свештеник толку набожно. Нејзиното најголемо задоволство било да служи околу олтарот, да го украсува, да го одржува, да биде чист. Понекогаш таа ги поканувала своите мали другарки да присуствуваат на таквите детски игри. Сите со голем интерес го следеле Јосиф и малата соба си ја замислувале дека е Божји дом и набожно стоеле. Еврозија и Јосиф биле слични по карактер, затоа биле приврзани еден кон друг и биле неразделни.
Набожната мајка чувствувала внатрешно задоволство кога ги гледала своите деца како се занимаваат со свети мисли и дела. Но, таа тогаш не мислела дека двете нејзини најстари деца ќе му се посветат на Бога, како свештеник и чесна сестра. Таа си претпоставувала дека олтарите и „службите” биле само невина детска игра. Впрочем, децата пројавувале и други наклонетости: наутро се занимавале со божествена служба, а навечер украсувале сцени и играле театар, комедии. Навидум, тие склоности изгледале контрадикторни и од нив не можело да се изведе заклучок за идните занимања на децата…
Така растеле Јосиф и Еврозија, првородените деца на Петар и Катерина Алоати. По една година Јосиф тргнал на училиште и таму наоѓа нови работи. Тој бил ученик и со интерес ги учел лекциите, бил еден од најпримерните ученици. И порано кога Јосиф и Еврозија оделе во забавиштето на сестрите Розини во Торино, тие биле добри ученици кои сакале да пеат песни со набожен карактер. Откако се разделиле со Јосиф, Еврозија го посетувала забавиштето со помалиот брат Мелхиор.
Секогаш заедно
Иако во обичните денови Јосиф и Еврозија биле разделени, во празничните денови тие секогаш биле заедно. Секоја недела заедно со родителите оделе на прошетка во околината на Торино. Добрата мајка посветувала посебно внимание кон првородените деца и секоја пригода ја користела да им посочува примери за следење и да ги запознае со последиците на злото.
Катерина Алоати сакала на своите деца да им го објасни она што би требало да го знаат, секогаш доброто го фалела и го предлагала, а злото го осудувала. Двете деца, на таа возраст биле многу љубопитни, сакале да знаат сè и своите родители ги затрупувале со прашања. Секое прашање добивало свој одговор, во кој секогаш се потцртувало дека Бог доброто го наградува, а злото го казнува. Кога на ливадата ќе забележеле деца што скромно се однесуваат тоа им оставало голем впечаток, добрата мајка ги покажувала како добар пример за следење, а лошите примери секогаш биле осудувани и требало да се одбегнуваат. Така, под бистрото око на мајката, двете деца напредувале по патот на доброто, а нивните недостатоци и несовршенства секогаш биле потцртувани од Катерина Алоати, за Јосиф и Еврозија да не западнат во големи грешки.
Секоја недела и секој празник по црковните служби, Петар и Катерина, придружувани од децата оделе на прошетки во околината на Торино. Едно попладне родителите биле пријатно изненадени кога го слушнале разговорот на Еврозија и Јосиф кои стоеле близу до нив. Тоа било летото Господово 1867. Јосиф бил веќе десетгодишен ученик во четврто одделение во основно училиште, а Еврозија осумгодишна ученичка во второ одделение.
Мечтаењата на двете деца
Тој ден било недела, целото семејство се шетало низ алеите на стариот плоштад „Пјаца д’арми”. Додека родителите седеле на клупата и разговарале за случките на денот, таткото го држел малиот Мелхиор за рака, а мајката го имала во скутот бебето Наталија и ја прегрнувала тригодишната ќерка Христина. Јосиф и Еврозија се оддалечиле неколку чекори и со голем интерес набљудувале еден стар дворец и нешто си зборувале со длабоко воздивнување.
Петар и Катерина се заинтересирале да слушнат што зборуваат нивните мали деца: – Кога ќе пораснеме, му велела Еврозија на својот брат Јосиф, и ние ќе имаме таква куќа на два ката. Куќата ќе ја поделиме на два дела; десната страна ќе биде твоја, а левата моја; на долниот кат ќе има две училишта, едно за машки деца, а другото за девојчиња. Горе ќе живееме ние двајцата секој во својот дел. Јосиф кимнал со главата и го одобрил тоа.
Во исто време, таткото кој со интерес го следел нивниот разговор се вмешал и рекол:
– Еврозија, што планирате да бидете кога ќе пораснете големи?
– Тате, јас ќе станам чесна сестра, одговорила Еврозија, а Јосиф – свештеник. – Да, да тате, – потврдил Јосиф, – таа е нашата најголема желба.
Таткото и мајката се погледнале и се пошегувале, без да посветат посебно внимание на мечтаењата на своите мали деца. Тие мислеле дека ова било само преодно вдахнување што може да исчезне кога децата ќе пораснат и кога ќе дојде време да си изберат професија во животот.
Сонцето веќе почнало да заоѓа, а мајката му рекла на мажот дека е време да си одат. Јосиф и Еврозија тргнале напред и го продолжиле својот сладок разговор. Родителите ги оставиле децата да се насладуваат на своите пријатни мечтаења.
Тие мечтаења на Јосиф и Еврозија се оствариле по дваесет и две години. Во 1889 година кога Јосиф веќе свештеник и мисионер во Македонија, ја отвора првата куќа на сестрите Евхаристинки во Солун; сестра му која му помагала, го споменувала вдаховението што го добила во 1867 година, во Торино, пред дворецот. Примерниот свештеник му оддава благодарност на Бога, зошто го удостоил заедно со неговата сестра која многу ја сакал да работи во Солун, прославен во посланијата на апостолот свети Павле, за да им ги брише солзите на кутрите сираци и за Христовата Црква да добие нови членови, кои ќе бидат подготвени да ѝ служат со сето свое срце и со сета своја душа.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.