Лав XIV: Многу народи се ограбени и осиромашени, потребна е „револуција на љубовта“

Лав XIV: Многу народи се ограбени и осиромашени, потребна е „револуција на љубовта“

Папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија во парохиската црква „Свети Тома од Виланова“ во Кастел Гандолфо и се осврна на евангелската парабола за добриот Самарјанин. Упатувајќи апел за сите кои се жртви на репресивни политички системи, на економии што водат кон сиромаштво и војни што ги убиваат соништата и животите, Светиот Отец повика да дозволиме потребите и страдањата на ближните да ни го скршат срцето.

Со поглед полн со внимание, насочен кон оние погодени од страдање и тешкотии во животот, со сочувство кон секој човек – независно од нацијата, групата или вероисповедта – срцето се крши кога гледаме колку народи денес се соголени, ограбени и опустошени. Тие се жртви на системи на потиснување, на економски модели што водат до беда и на војни што ги одземаат соништата и животите. Во време на насилство, поделби, индивидуализам и рамнодушност, кога животите погодени од конфликти се сведуваат на обични бројки, папата Лав XIV, предводејќи ја светата Евхаристија во недела на 13 јули во Кастел Гандолфо, понуди размислување за ликот на добриот Самарјанин – протагонистот на една од најтрогателните параболи во Евангелието. Тој е оној што дозволи неговото око и срце да бидат допрени од човек полумртов, претепан и оставен на патот за Ерихон. Самарјанинот сведочи за една вистинска заповед – заповедта на љубовта.

Револуција на љубовта

„Денес е потребна револуција на љубовта,“ истакна Светиот Отец во својата хомилија за време на евхаристиското славење во папската парохија во Кастел Гандолфо – летната резиденција каде што престојува. На Литургијата сослужуваа кардинал Михаел Черни, префект на Дикастеријата за целосен човечки развој, бискупот од Албано Винченцо Вива, многубројни свештеници, монаси и монахињи, како и парохиската заедница, претставници на граѓанската и воената власт. Но, Римскиот епископ не се обрати само на присутните, туку и на целиот свет кој – како што рече – го заборавил сочувството, го занемари милосрдието и ја изгуби способноста да чувствува болка во срцето пред страдањата на другите.

Параболата што нѐ предизвикува

Затоа, Петровиот наследник се повика на параболата за добриот Самарјанин, која е централна во денешното Евангелие и многу му е драга на папата Фрањо, кого го цитираше во хомилијата, заедно со папата Бенедикт XVI и неговото дело Исус од Назарет.

Оваа евангелска парабола и денес преставува предизвик. Таа го испитува нашиот живот, ја вознемирува заспаната или расеана совест, нѐ провоцира пред опасноста од удобна вера што се задоволува со надворешно исполнување на законот, без способност да сочувствува и дејствува со истото милосрдно срце како Божјото.

Поглед што гледа со срце

Папата посебно се задржа на еден детал од параболата – погледот. Тој ја открива состојбата на срцето. Постојат погледи расеани и брзи, погледи што се преправаат дека не гледаат, но постои и погледот на срцето – погледот што сочувствува, трогнува и нѐ поттикнува да се вклучиме во страдањето на другиот.

Таков поглед Бог прв ни упати на нас – рече Папата – и добриот Самарјанин е всушност ликот на Исус Христос. Човекот кој слегува од Ерусалим кон Ерихон е симбол на човештвото што тоне во смртта, злото, страдањето и апсурдот. Но Бог, гледајќи нѐ со сочувство, посака да го изоди нашиот пат, да слезе меѓу нас и преку Исус, добриот Самарјанин, да ги излечи нашите рани со елејот на својата љубов и милосрдие.

Милосрдието е Божји белег

Милосрдието и сочувството се Божји белези – Бог е добриот Самарјанин што нѐ сретнува. Свети Августин рекол: „Бог посака да биде наречен наш ближен.“ Да веруваме во Него значи да се преобразиме, да ги имаме неговите чувства – срце што се трогнува, поглед што гледа и не заобиколува, раце што помагаат и ги лечат раните, грб што ги носи товарите на ближниот. „Излечени и возљубени од Христос, и ние стануваме знаци на неговата љубов и сочувство во светот,“ рече папата Лав XIV.

Светот е преполн со ранети народи

Светиот Отец напомена дека патот од Ерусалим до Ерихон е патот на сите оние што тонат во зло, страдање и беда – лица обременети со неволји во животот, тешки околности и тешкотии што ги туркаат кон дното. Тоа е патот на многу народи, денес обесчестени, ограбени и опустошени – жртви на репресивни системи, на економии што ги туркаат во сиромаштво и на војни што ги убиваат нивните соништа и животи.

Љубовта не познава граници

Римскиот епископ повика да се запрашаме што правиме пред лицето на тие страдања: дали гледаме и ги заобиколуваме, или пак дозволуваме срцето да ни се скрши како на Самарјанинот? Понекогаш се задоволуваме само со тоа што ја исполнуваме должноста, или го сметаме за ближен само оној што ни е сличен – од истиот народ или вера. Но, Исус ја менува перспективата: пред нас го става Самарјанинот – странец и еретик – кој станува ближен на ранетиот човек, и ни вели: „оди и ти прави така“.

Љубовта е посилна од смртта

На крајот од својата хомилија, Папата повика да не заобиколуваме, туку да застанеме, да го забавиме чекорот, да дозволиме животот и болката на ближниот – кој и да е тој – да нѐ трогне и преобрази.

Тоа нѐ прави вистински ближни, гради братство, руши ѕидови и препреки. Така љубовта најпосле наоѓа простор – станува посилна од злото и смртта.

Дар за парохијата

На крајот од светата Литургија, Светиот Отец му подари дар на парохот, полскиот салезијанец отец Тадеуш Розмус – дискос и путир. Тој рече дека тие се симболи на заедништвото и повик до сите нас да живееме во единство и да градиме братство во Исус Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот