Крстен пат за млади на Водно

Група млади од парохијата „Пресвето Срце Исусово“ Скопје заедно со бискупот Стојанов молеа Крстен пат на Водно.

Група млади од скопската парохија Пресвето Срце Исусово во сабота 13 март во утринските часови присуствуваа на „Крстен пат за млади на Водно“, кој го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов. Во побожноста учествуваа петнаесетина млади заедно со парохот дон Давпр Топиќ и капеланот Јошт Мезег, кој е одговорен за младите. Настанот директно го пренесуваше Радио Марија Македонија.2952_1

Крстниот пат започна на Средно Водно, каде дон Јошт ги поздрави присутните и ги повика да се искачат на „ридот на крстот“ со постојките од Крстниот пат, Бројаница и тишина, да размислуваат за Христовата љубов кон нив и да молат за своја лична накана. Потоа младите повеќе од два часа наизменично го носеа дрвениот крст, читаа постојки од Крстниот пат и молеа света Бројаница. На многу минувачи младите им оставија голем впечаток, кои во голема собраност и без страв го следеа крстот, молеа и пееја. После шест изминати километри групата пристигна на врвот покриен со снег, но и со сонце, со прекрасен поглед на Скопје. Таму бискупот Стојанов го заврши Крстниот пат и на крајот им се заблагодари на младите за сведочењето, упатувајќи им татковско слово со охрабрување.

По благословот и благодарноста од страна на капеланот дон Јошт, следуваше заедничко дружење со кафе, а поклониците во Скопје се вратија со жичарата, со желба овој „Крстен пат за млади на Водно“ да стане традиција.

Водно, лежи на надморска висина од 1066 метри и се наоѓа над градот Скопје. Владата на Република Македонија на самиот врв изгради Јубилеен Крст со висина од 86 метри, кој со својата конструкција и осветлување доминира над градот.

к.мк/д.Д.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот