Крвави судири во Каиро
Каиро, 9.4.2013 /к.мк/ – Во новиот бран судири меѓу коптите и муслиманите во Египет во неделата вечер на 7 април убиен е еден христијанин, а 29 се повредени. Нападот се случи после светата Литургија во катедралата Свети Марко во Каиро. Верниците додека се молеа за четворицата христијани кои претходно загинаа во судири, пред катедралата верниците беа пресретнатии од муслимански следбеници, а непознат сторител започнал да пука во собраните христијани. Сите повредени сѐ пренесени во болница каде едно лице почина од добиените рани. Зградата до катедралата е запалена со молотов коктел. Пожарникарите брзо го изгаснале пожарот, а полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, но судирите продолжија до доцна синоќа. Судири имаше и во близина на коптската Црква во градот Кусус, 20 километри северно од Каиро, каде беа ранети 12 лица.
Египетскиот претседател Мохамед Морси нареди истрага, а во телефонскиот разговор со коптскиот патријарх Тавадрос II истакна дека секој напад на катедралата Свети Марко ќе го сметаат „напад на себе“, јавува државната телевизија.
Четворица копти и едно муслиманско момче настрадаа во изминатиот судир поради пишување графити на ѕидот од исламскиот училишен центар во градот Кусус. Асирската информативна агенција АИНА на 8 април извести дека на погребните обреди се собрале и христијани и муслимани. Според сведоштвото на очевидци, полицијата стигнала дури после пукањето и избивањето на пожарот и не ги спречила навреме нападите.
Коптскиот патријарх Тавадрос II повика на „мир и разумност, за да се зачува сигурноста на нацијата и да се заштитат човечки животи и националното единство“. Претставничката на ЕУ за надворешна политика Катерина Аштон изрази „голема загриженост поради насилствата пред катедралата. Муслиманското братство, чиј член е и претседателот Мурси, го осуди насилството во последните денови.
Коптскиот патријарх Тавадрос II се очекува за три недели да пристигне во посета на Ватикан. Според извештаите, главна тема на разговорите ќе биде сé потешката ситуација на христијанското малцинство во Египет. Околу 10 % од населението во Египет се христијани.