Кој се храни со Евхаристија не може да биде рамнодушен
Папата Фрањо им испрати видео-порака на учесниците од Индискиот национален Евхаристиски конгрес во Мумбаи, кој се одржува од 12 до 15 ноември под мотото: „Нахранети од Евхаристија како би ги нахраниле другите“.
Папата Фрањо истакна дека Евхаристискиот конгрес е Божји дар не само за христијаните во Индија, туку и за целото население во оваа земја, која е различна во културите, но и духовно богата.
Светиот Отец потсети дека Евхаристијата го остварува Заветот кој нѐ посветува, нѐ прочистува и нѐ обединува во прекрасното заедништво со Бог. Евхаристијата не е само награда за добрите, туку и сила за слабите и грешниците. Таа е простување и поддршка на нашиот пат во животот – порача Папата.
Гладта за љубов, за бесмртност, за приврзаност, за простување и за милосрдие може да ја задоволи само небесниот Леб, самиот Исус кој му дава живот на светот. Неговото тело и неговата крв нѝ се нудат во Евхаристијата – рече папата Фрањо, додавајќи дека заедништвото со Господ неопходно значи заедништво со браќата и сестрите. Заради тоа, тие кои се хранаат со телото и крвта Христови не може да бидат рамнодушни кон браќата и сестрите кои страдаат од немаштија и глад.
Сите, оние кои се хранат со Евхаристија, се повикани да ја носат радоста на Евангелието до луѓето кои сѐ уште не ја примиле. Поткрепени со живиот Леб, повикани сме да ја носиме надежта на оние кои живеат во темнина и очај – рече Папата, посакувајќи Евхаристискиот конгрес во Мумбаи да биде светло на индискиот народ.
РВ/З.А.