Концерт на ансамблот „Ад глоријам бас” од Хрватска во Скопската катедрала

Скопје, 04.07.2013 /к.мк/ Во организација на Хрватската Амбасада во Република Македонија, синоќа во Скопската катедрала се одржа концерт на ансамблот „Ад глоријам бас”. Повод за овој свечен концерт беше влегувањето на Република Хрватска во Европската Унија, а воедно и Денот на државноста. Пред бројната публика ансамблот изведе богата програма во која се наоѓаа делови од познатите опери и оперети: „Аида“, „Волшебната флејта“, „Береница“, како и изведба на познатата далматинска песна „Вило моја“. Публиката беше одушевена од настапот наградувајќи ги членовите на ансамблот со громогласен аплауз. На крајот следеше обраќање на амбасадорот на Република Хрватска Златко Крамариќ кој вети дека и понатаму ќе продолжи традицијата на концерти и гостувања во Скопската катедрала, а потоа свое обраќање до присутните имаше и монсињор Антун Циримотиќ.

„Ад глоријам бас” е состав од шест дувачи со лимени дувачки инструменти инаку членови на оркестарот од Операта на ХНК во Загреб, Симфонискиот оркестар на ХРТ и Загребската филхармонија. Основан е во 1993 година и од тогаш постојано делува со помалку изменет состав. Нивниот репертоар го сочинуваат дела на европски и хрватски мајстори од ренесансата и барокот Ф. Спонга, В. Јелиќ, Ј. Кларк, Х. Хендел, Ј.С. Бах како и дела на хрватски автори специјално напишани за овој ансамбл А. Клобуќар, Б. Шипуш, С. Дедиќ, М. Милетиќ, А. Игрец и други.  (Е.Абјаниќ)

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<