Клеветата го уништува Божјото дело во луѓето
Ватикан, 15.4.2013 /к.мк/ – Клеветата го уништува Божјото дело во луѓето– истакна папата Фрањо на светата Литургија во понеделник, 15 април, која ја служеше во капелата на домот Света Марта. На светата Литургијата покрај другите, присуствуваа и претставници од Ватиканските телефонски служби, како и од Ватиканската управа за интернет. Папата ги повика сите да се молат за бројните маченици кои и денес лажно се оптужуваат, прогонуваат и се убивани поради омраза кон верата.
Стефан, првомаченик е жртва на клевета. А клеветата е полоша и од гревот, клеветата е природен израз на сатаната. Папата Фрањо не бира зборови додека говореше за ова однесувања на човекот кое заслужува најголем презир. Делот од Делата на светите Апостоли говорат за Стефан, еден од ѓаконите именуван од Дванаесетмината, кој што е одведен пред Советот поради неговото сведочење на Евангелието, пропратено со знаци. Како што стои во Делата на светите Апостоли, во Советот доведоа „лажни сведоци“ кои го оптужувааа Стефан.
Папата е многу јасен и додава – Поради тоа што не им одговарала чиста борба, борба меѓу добри луѓе, непријателите на Стефан започнаа валкана борба, односно клевета. Сите сме грешници. Сите ние имаме гревови – истакна. Но клеветата е нешто друго. Тоа е грев, сигурно, но е нешто друго. Клеветата сака да го уништи Божјото дело; клеветата се раѓа од многу зли работи; се раѓа од омразата. А кој предизвикува омраза, тој е сатана. Клеветата го уништува Божјото дело во луѓето, во душите. Клеветата ја користи лагата за да напредува. И да не се сомневаме во тоа – поттикна Светиот Отец и повторно истакна – каде е клеветата, таму е сатаната, токму таа.
Откако говореше за однесувањето на клеветникот, папата се осврна на однесувањето на оптужениот. Стефан на лагата не возвраќа со лага – рече папата Фрањо – не сака да оди по тој пат за да се спаси. Тој го гледа Господ и го почитува законот, останувајќи во мир и во Христовата вистина. А тоа е она што се случува во историјата на Црквата – напомна Светиот Отец – бидејќи од првиот маченик па до денес, многубројни се примерите на оние кои со голема храброст го сведочат Евангелието.
Но, времето на маченици не е завршено – истакна папата Фрањо – навистина и денес можеме да кажеме дека Црквата има повеќе маченици, отколку во првите векови. Црквата има бројни мажи и жени кои се клеветени, прогонувани, кои се убиени од омраза кон Ксус, од омраза кон верата. Тој е убиен бидејќи поучува за катехизмот, оној пак е убиен бидејќи носи крст…. Денес во бројни земји ги клеветат, ги прогонуваат… тоа се наши браќа и сестри кои трпат денес, во ова време на маченици –истакна папата Фрањо.
Нашето време има повеќе маченици отколку во првите векови – повтори Светиот Отец. Во време на бројни духовни немири папата потсети на една источна икона која ја прикажува Богородица како со својот плашт го покрива Божјиот народ. Да ја молиме Богородица да нè штити, а во време на духовен немир, најсигурно е местото под плаштот. Таа е мајка која се грижи за Црквата. Во ова време на маченици (…) да и се обратиме со вера: Мајко, под твоја заштита е Црквата. Грижи се за Црквата„ – рече папата на крајот од проповедта.