Надбискупот на Луксембург и претседател на Советот на Епископски конференции на земјите во Европската Унија (COMECE), кардинал Холерих, во интервју за Радио Ватикан, зборуваше за реакцијата на Црквата во Европа на пандемијата.
Во многу земји во Европската Унија прекинати се сетите Литургии со народ и други верски славења. Кардиналот Жан – Клод Холерих надбискуп на Лумсембург и претседател на Советот на епископските конференции на земјите во Европската Унија, во разговор за Радио Ватикан рече дека во актуелната ситуација на пандемија многу луѓе се чувствуваат осамено и напуштено и истакна дека Црквата во Европа мора на луѓето да им даде до знаење дека Бог е со нив, користејќи ги притоа сите достапни средства на пример како интернетот.
На прашањето што би требало да се прави во ваква сложена ситуација, кардиналот Холерих рече дека пишува пасторално писмо до својата Црква со објаснување како да се реагира, барајќи од верниците да молат, а од свештениците секојдневно да служат света Литургија за народот. Мора да покажеме дека сме овде за народот – рече кардиналот и напомена: Италија е европска земја која најмногу е погодена од пандемијата; би сакал да изразам солидарност со Црквата во Италија. Секојдневно се молам за сите болни, за оние кои се чувствуваат сами, за оние кои се плашат, за младите и за невработените кои се плашат за својата иднина. Мора јасно да им дадеме до знаење дека Црквата е со нив.
Што се однесува до ситуацијата во Европа, кардиналот рече дека многу држави ги блокираат своите граници и донесуваат одлуки во корист на својот народ, не земајќи ги во обзир другите. Би сакал да апелирам до светот на политиката: Ако можете покажете голема солидарност која треба да постои во Европа. Денес во време на несреќни настани, постои опасноста од затворање во себе, но како христијани тоа не би смееле да го правиме, не би смееле да го затвориме своето срце – предупреди кардинал Холерих.
Кина помага на Италја и за тоа сакам да се заблагодарам – рече надбискупот на Луксембург и додаде: Жал ми е што истата помош не доаѓа од другите европски земји. Мислам дека би требало да се помогне на најтешко погодените народи. Европа е солидарна заедница, но тоа не треба да се покажува само кога сè е во ред, кога нема никакви потреби. Солидарноста мора да се гледа пред сè во драматичните моменти; сега треба да се покаже дека постои европски идентитет, уште повеќе христијански европски идентитет.
На прашањето што за Црквата во Европа значи прекинот на јавните евхаристиски и други верски славења, кардиналот кажа дека мисли дека во оваа време треба да се застане и да се размисли за она што навистина е важно во нашиот живот, и рече дека сето тоа ни помага да видиме дека нашиот живот е во Божјите раце. Мора да разбереме дека својата среќа не можеме да ја градиме сами затоа што нашето постоење е кревко – истакна и додаде: Тоа што се случува би можело да ни помогне длабоко да влеземе во Христовото таинство: неговата смрт на крстот и неговото воскресение. Не сум вознемирен, туку многу мирен, затоа што Бог е тука, Бог е со нас.
Ватикан њуз/к.мк