Кардинал Паролин: Папата од претседателот ал-Асад бара конкретни иницијативи за помош на народот
Во Сирија продолжуваат воените операции на штета на незаштитените цивили; голем број здравствени институции се уништени, а некои целосно или делумно морале да прекинат со работа. Папата Фрањо преку кардинал Турксон испрати писмо до сирискиот Претседател.
Заштитата на животот на цивилите, запирање на хуманитарната катастрофа во покраината Идлиб, конкретни иницијативи за безбедно враќање на раселените, пуштање на слобода на затворените и давање информации на семејствата за нивните најмили и хумани услови за политичките затвореници – се конкретните услови кои со повторниот апел за враќањето на дијалогот и преговорите со учеството на меѓународната заедница се содржани во писмото кое папата Фрањо го испрати до сирискиот претседател Башар ал-Асад. Писмото на Папата е напишано на англиски јазик има датум 28 јуни, а го предаде кардинал Петер Турксон, префект на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој во чија придружба беше отец Никола Рикарди потпретседател на дикастеријата и кардинал Марио Зенри апостолски нунциј во Сирија.
Зборувајќи за Ватикан њуз за содржината и целта на писмото на Папата, државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин рече дека во основата на тие нови иницијативи е загриженоста на папата Фрањо и на Светиот Престол заради хуманитарната криза во Сирија посебно во покраината Идлиб. Имено, на тоа подрачје живеат повеќе од 3 милиони луѓе, од кои 1 300 000 луѓе од другите краишата на земјата дошле во таа покраина која минатата година е прогласена за демилитаризирана, принудени да побараат засолниште заради долгиот конфликт во земјата. Покрај крајно бедните услови за живот во кои живеат во бегалските кампови, поради неодамнешната војна офанзива, многумина мораа повторно да побегнат.
Папата со голема грижа и жалост ја следи драматичната судбина на цивилите, најмногу на децата кои се вклучени во крвавите конфликти – рече кардиналот. Војната, за жал и понатаму трае, се продолжува со бомбардирањата, уништени се повеќе здравствени институции, додека другите целосно или делумно морале да прекинаат со работа.
Папата Фрањо затоа во писмото повторно упатува апел за да се заштити животот на цивилите и да се сочуваат главните инфраструктури, како училишта, болници и здравствени институции. Тоа што се случува навистина е нехумано и неприфатливо – истакна кардинал Паролин и додаде дека Светиот Отец од сирискиот претседател бара да направи сѐ што е можно за да се запре таа хуманитарна криза и почитувајќи го Меѓународното хуманитарно право да се заштити незаштитениот народ, посебно оние најслабите.
Истакнувајќи дека наканата на писмото на Папата не е политичка, кардинал Паролин рече, дека папата Фрањо се моли за тоа после долги години војна, во Сирија повторно да завладее оружјето на братството и помирувањето да завладее над поделбите и омразата. Светиот Отец во писмото три пати го користи зборот „помирување“ – истакна кардиналот и додаде, тоа е неговата цел за доброто на таа земја и неговиот народ. Папата го поттикнува претседателот Башар ал-Асад да направи значајни гестови во тој толку итен потребен процес на помирување и притоа дава конкретни примери. Наведува на пример услови за сигурно враќање на бегалците и раселените лица како и за сите оние кои сакаат да се вратат во земјата откако биле принудени да ја напуштат. (…)
На прашањето која е целта на тие нови иницијативи на папата Фрањо, кардинал Паролин вели дека Светиот Престол секогаш инсистирал на потребното барање на остварливо политичко решение за да се прекине конфликтот, надминувајќи ги едностраните интереси. Тоа треба да се направи со помош на дипломатските средства, дијалогот, преговорите со учеството на меѓународната заедница. Уште еднаш моравме да научиме дека војната поттикнува војна и насилството поттикнува друго насилство, како што повеќе пати тоа Папата го истакна и како што тоа го повторува и во оваа писмо.
За жал загрижени сме заради застојот во преговорите, посебно оние во Женева, со цел политичко решение на кризата – рече кардиналот и додаде дека Светиот Отец заради тоа во писмото го поттикнува претседателот Асад да покаже добра волја и да се зазема за да се побараат остварливи решенија за прекин на конфиктот кој веќе премногу долго трае и кој предизвика загуба на многу недолжни животи.
Ватикан њуз