Кардинал Комастри за одговорот на Ватикан на апелот на Папата за згрижување на бегалци

По повод повикот на папата Фрањо за прифаќање на едно бегалско семејство од страна на парохиите и верските заедници за Радио Ватикан свое интервју даде Генералниот папски викар за градот држава Ватикан, кардиналот Анџело Комастри.

Кардиналот Комастри пред сѐ се осврна на чудењето кое го предизвика оваа иницијатива на Папата. Католичката Црква отсекогаш претставува куќа на милосрдието, бидејќи нѐ води и поттикнува да извршуваме одредена заповед: „Сакајте се едни со други како што ве сакав јас“. (…) Затоа пред драмата со бегалците, која станува застрашувачка, Папата почувствува дека мора да интервенира и да ги вклучи сите католички заедници во Европа, сите парохии во Европа, со што би дал убав знак на лицето на Католичката Црква, истакна кардиналот.

Бидејќи парохиите Света Ана, како и парохијата Свети Петар се папски парохии, бидејќи тоа се ватикански парохии, чувствуваме дека треба да одговориме на апелот на Папата, и во тоа сакаме да бидеме први, додава кардиналот Комастри. Папата сака две семејства да се сместат во два стана во близина на Ватикан, би можеле да кажеме, во сенката на папското татковство. Светиот Отец, исто така, сака нивната здравствена заштита да не биде на терет на Италија, туку згрижените семејства да ги користат услугите што ги имаат ватиканските вработени.

На новинарското прашање како апелот на Папата е примен во Ватикан, кардиналот истакна дека Светиот Отец ги изненади сите, но навикнавме на изненадувањата од папата Фрањо. Никој не знаеше за таа иницијатива, но примена е со воодушевување. Секој од нас е среќен што може да дарува мала капка на милосрдие во морето од потреба, која со таа мала капка нема да можеме да ја задоволиме, но Мајка Тереза зборуваше како океанот е составен од капки, па и само една капка има своја важност.

Што се однесуваа, пак, до улогата на секој христијанин пред трагедијата што ги погодува илјадниците луѓе, кардиналот Комастри рече дека секој од нас би требало да погледне околу себе и повторно да го открие милостивиот поглед кон браќата.

 РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот