Филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле, про-префект на Секцијата за прва евангелизација и новите помесни Цркви при Дикастеријата за евангелизација, го наследува 92-годишниот кардинал Џовани Батиста Ре на должноста декан на Кардиналскиот колегиум.
По речиси седум години на чело на едно од најстарите тела во Црквата, Кардиналскиот колегиум, 92-годишниот кардинал Џовани Батиста Ре се повлекува од должноста декан. Него го наследува филипинскиот кардинал Луис Антонио Г. Тагле, 69-годишен про-префект на Секцијата за прва евангелизација и новите помесни Цркви при Дикастеријата за евангелизација.
Кардиналот Тагле, кој, според Светиот Престол, ќе ја преземе титулата на субурбикарната црква Остија, задржувајќи ја истовремено титулата на субурбикарната црква Албано, беше избран на оваа должност во четвртокот, 8 октомври, од кардиналите од редот на кардинали-епископи. Изборот на оваа висока должност во црковната хиерархија беше објавен во петок, 9 октомври 2026 година.
Реформата на папата Фрањо
Кардиналот Ре, долгогодишна истакната личност на Римската курија, кој служеше во текот на последните четири понтификати, од свети Иван Павле II до денес, ја задржува титулата на субурбикарната црква Сабина-Поџо Миртето и ја добива титулата „декан емеритус“ на Кардиналскиот колегиум.
Оваа титула е новина воведена од папата Фрањосо motu proprio од 2019 година, со кое беше реформирана службата на деканот, така што таа повеќе не е доживотна, туку се извршува во мандат од пет години, со можност за само едно обновување. Одлуката беше донесена поради тоа што, „со зголемувањето на бројот на кардиналите“ и со надминувањето на традиционалната граница од 120 кардинали-избирачи, врз деканот на Кардиналскиот колегиум паѓаат „сè поголеми одговорности“.
Потврдувајќи дека деканот на Кардиналскиот колегиум го избираат членовите на редот на кардинали-епископи, согласно постапката утврдена во канон 352 § 2 од Кодексот на канонското право, папата Фрањо воведе определен мандат и можност за негово еднократно обновување.
Повторното именување на кардиналот Ре
Кардиналот Ре, кој во 2020 година беше избран за декан како наследник на кардиналот Анџело Содано, во 2025 година беше повторно потврден од самиот папа Фрањо, кој го ценеше неговото искуство и службата што ја извршуваше за време на конклавата во март 2013 година. Во тоа време Ре, поранешен нунциј кој служел како асесор и заменик за општи работи во Државниот секретаријат за време на свети Иван Павле II, а потоа и како префект на Конгрегацијата за епископи од 2000 до 2010 година, бил кардинал-избирач, но ги извршувал задачите што инаку би му припаѓале на тогашниот декан Содано, кој не учествувал во конклавата бидејќи имал повеќе од 80 години. Аргентинскиот Папа ја ценел и карактеристичната енергичност, искуството и непосредноста на кардиналот од Бреша.
На 7 јануари 2025 година, папата Фрањо го потврди за втор мандат, а аргентинскиот кардинал Леонардо Сандри беше повторно потврден како заменик-декан.
Три месеци подоцна, во својство на декан, кардиналот Ре ги предводеше погребните обреди за Хорхе Марио Бергољо на 26 април 2025 година, како и последователната Missa pro eligendo Pontifice – светата Миса за избор на Папа, отслужена утрото пред почетокот на конклавата на 7 мај 2025 година, на која потоа беше избран папата Лав XIV.
Primus inter pares
На 92-годишна возраст, кардиналот Ре, роден во Борно, ја завршува оваа служба во Црквата. Него го наследува помладиот кардинал Тагле, добро познат како во Азиската црква, така и во целата Католичка црква. Досега Тагле раководеше со една од двете секции на Дикастеријата која некогаш беше позната како Propaganda Fide.
Тагле сега ќе го предводи Кардиналскиот колегиум, но секогаш како primus inter pares, односно „прв меѓу еднаквите“. Тоа значи дека нема хиерархиска управна власт над другите кардинали, туку ја координира нивната работа.
Една од главните должности на деканот е, во случај на sede vacante, односно испразнет Апостолски Престол, да ја свика идната конклава и да претседава со неа, доколку има помалку од 80 години и со тоа е меѓу кардиналите-избирачи.
Ватикан њуз/к.мк

