И денес има христијани кои се осудени поради тоа што поседуваат Свето Писмо

Крстот секогаш е присутен на христијански пат – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 4 март во капелата на домот Света Марта. Папата зборуваше за прогонството на христијаните велејќи дека денес има повеќе маченици отколку во првите векови на Црквата, а додаде дека христијанскиот живот не значи никаква „трговска привилегија“, туку вистинско наследување на Исус.

Осврнувајќи се на делот од Евангелието, Папата рече дека Петар, откако престана Исус да зборува за опасноста од богатството, го започна говорот за наградата на оние кои тргнале по Него. Исус е великодушен и одговара дека тие уште во овој живот ќе добијат стократно. Можеби Петар мисли „да го следиш Исус“ претставува „добар трговски потег“, затоа што се заработува стократно: Но Исус додава дека составен дел на таа заработка исто така се и прогонствата – рече Папата.

Како да кажал: Да, оставивте сѐ, а веќе овде на земјата ќе примите награда: но со прогонства! Тоа е исто како салата зачинета со маслото на прогонот: секогаш е така! Тоа е христијанската заработка и патот за оние кои сакаат да одат по Исус; Исус одел по тој пат и бил прогонуван. Тоа е патот на понижување и тоа што свети Павле го вели во Посланието до Филипјаните: „Сам се смири, откако стана послушен, дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.“ Тоа е вистината за христијанскиот живот – рече Светиот Отец.

Така е и во блаженствата – продолжи Папата – кога Исус вели: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене;“ прогонот всушност е едно блаженство. Учениците по слегувањето на Светиот Дух почнале да проповедаат; и веднаш започнале прогоните. Петар завршил во затвор, Стефан е убиен, а потоа и многу ученици, сѐ до денешен ден. Крстот секогаш е на христијанскиот пат. Ќе имаме многу браќа и сестри, многу мајки и татковци во Црквата, во христијанската заедница, но и прогони – опомена Папата додавајќи:

Затоа што светот не го поднесува Христовото божество. Не поднесува навестување на Евангелието. Не ги поднесува блаженствата. И затоа прогон: со зборови, лаги, што сѐ не зборувале за христијаните во првите векови, клевети, затвор… Ние лесно забораваме. Помислете на многу христијани пред шеесетите години во нацистичките и комунистичките логори: имало многу! Само затоа што биле христијани! Така е и денес… Денес како општество сме повеќе културни и го нема тоа? – Има и денес! Ви велам дека денес има повеќе маченици отколку во првите векови на Црквата – рече Папата.

Многу браќа и сестри се прогонувани затоа што го сведочат Исус. И денес има христијани кои за жал не смеат да имат Свето Писмо; осудени се затоа што поседуваат Библија. Не смеат да го носат знакот крст. Тоа е всушност Исусовиот пат. Тој пат е радосен, затоа што Господ никогаш не искушува повеќе од тоа што можеме да го поднесеме. Христијанскиот живот не е „трговска привилегија“, не е кариеризам: тоа е едноставно наследување на Исус! Тоа се случува кога навистина го следиме Исус. Да размислиме за тоа, сакаме ли храбро да сведочиме за Исус? Добро ќе биде да размислуваме за бројни браќа и сестри кои и денес не смеат заедно да молат, бидејќи се во прогонство; не смеат да имат Евангелие или Свето Писмо, затоа што се прогонувани – рече Папата.

Да мислиме на браќата – продолжи Папата – кои не можат да одат на света Литургија, затоа што и е забрането. Колку пати тајно свештеник доаѓа кај нив; се преправаат дека јадат и пијат чај, само за да не ги видат, а тие слават света Литургија. Тоа се случува денес. Да размислиме дали сме подготвени како Исус да носиме крст? Да поднесуваме прогонства поради навестување на Христос, како што прават многу браќа и сестри и покрај понижувањата и прогоните; на сите ќе ни користи да размислуваме за тоа – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот