Паралелно со започнувањетo на учебната година започнува и веронаучната година, како за децата кои ќе се подготвуваат за Прва Света Причест, така и за останатите ученици, основци, средношколци и студенти.
Голема улога за поврзаноста на децата со Црквата имаат самите родители. Оние родители кои вистински го љубат и познаваат Христос, сигурно дека нема да ја испуштат можноста Црквата да и помогне во пренесувањето на верата. Но за жал има и примери кога децата се оставаат самите да одлучат дали ќе сакаат да доаѓаат на веронаука или пак на сметка на веронауката ќе одберат некоја друга активност (спорт, музика, странски јазици…). А време има и за едното и за другото. Но важни се приоритетите, како родители на што ставаме приоритет? На Христос или на нешто друго, световно, минливо, материјално, безбожечко….? Исус вели: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (Матеј 6,24). Епа одлучите?
Не често се случува родителите по поттикот од Црквата да ги донесуваат нивните деца на веронаука, одговорот да биде: „Ќе му кажам ако сака нека доаѓа“. Но родителот ја има токму таа улога да му помага на своето дете во одлуките кога најмногу има потреба од тоа, кога е мало, да го упатува во предизвиците на животот и да го направи она што е најдобро за него. За многу работи децата кога се мали не се во состојба да можат сами да одлучуваат, па така таа улога ја преземаат родителите. Имаме такви бројни примери од секојдневието: Кога детето е болно, воопшто не се прашува детето дали сака да оди на лекар, туку едноставно се носи, бидејќи го љубиме, бидејќи му посакуваме добро. Кога доаѓаат годините за започнување со училиште, исто така не го прашуваме детето дали сака да оди на училиште, туку тоа се подразбира, не само поради законската обврска, туку и поради можноста за подобра иднина го запишуваме на училиште. И за многу други нешта не ги прашуваме децата. А зошто тогаш тоа го правиме со веронауката?
Сигурно, веронауката не е доволна вашето дете да стане познат спортист, музичар, глумец или некоја друга неостварена желба на родителите…. Но ако Христовите зборови му останат при срце, сигурно дека ќе биде успешен човек, кој ќе знае како да се однесува во секоја животна ситуација и во секое искушение, кое често пати може да биде опасно и по здравјето и по душата. А за волја на вистината, кога ќе се појави некое искушение, посебно во младоста, ниту спортската кондиција и талент, ниту музичката способност, ниту познавањето на странските јазици, нема да можат толку многу да му помогнат, како што тоа можат да го направат Христовите зборови од веронауката, кои ќе му проговорат од неговото срце, тогаш кога ќе му биде најпотребно.
Исус едноставно вели: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно (Матеј 19,14).” Затоа не измислувајте им активности, зафатености и други оправданија, туку едноставно фатете го за рака, поведете го на света Литургија во недела, доведете го на веронаука. Така и вашите деца ќе сакаат да доаѓаат и на Црква и на веронаука. И што е најважно ќе им помогнете да го љубат Господ. Вие ја имате таа чест да бидете во ‘главната’ улога во воспитувањето на своите деца. Обидете се, придвижете се од љубов кон вашите деца и од љубов кон Христос. А едно е сигурно, тоа Црквата може да ви го вети: Нема ништо да изгубите, може само да добиете.
го*ко