По молитвата Ангел Господов на 18 септември 2022 година, Светиот Отец изрази жалење за неодамнешните конфликти меѓу Азербејџан и Ерменија и повторно повика на молитва за украинскиот народ.
Изразувајќи ја својата духовна близина со семејствата на жртвите, Папата ги повика страните да го почитуваат примирјето, во светло на мировниот договор.
„Да не заборавиме: мирот е можен кога пушките ќе замолчат и ќе започне дијалогот! И продолжуваме да молиме за напатениот украински народ и за мир во секоја земја, која крвари од војна“.
Поплави во Марке
Светиот Отец ги вети своите молитви и за жителите на италијанската провинција Марке, која беше погодена од голема поплава.
„Се молам за загинатите и нивните семејства, за ранетите и за оние кои претрпеа сериозна штета. Господ нека им даде сила на овие заедници!“
Поздрав до младите од „Економијата на Фрањо“
На плоштадот Свети Петар беа присутни и некои учесници на престојната светска средба „Економијата на Фрањо“ во Асизи. Станува збор за настан кој на покана на Светиот Отец собира млади економисти, претприемачи и иницијатори за позитивни општествени промени со цел да придонесат за развој на нова економија во центарот на човекот. „Се гледаме наскоро во Асизи“, рече папата Фрањо, кој на 24 септември ќе го посети Асизи, градот Свети Фрањо по повод споменатата средба.
Ватикан њуз /к.мк