Поради насилството кое продолжува да ескалира во Ерусалим, патријарсите и поглаварите на Црквите во Светиот град апелираат за интервенција од страна на Меѓународната заедница.
Во заедничка изјава, патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим изразија длабока загриженост за неодамнешните насилни настани во источен Ерусалим.
„Овие настани, без оглед дали се однесуваат за џамијата Ал Акса или во Шеик Џарах, ја нарушуваат светоста на луѓето во Ерусалим и на Ерусалим како град на мирот. Акциите што ја поткопуваат безбедноста на верниците и достоинството на Палестинците кои се предмет на иселување се неприфатливи“, се вели во соопштението.
Изминатите неколку дена се случи најголемото насилство во Ерусалим со години наназад, со конфронтации меѓу израелската полиција и палестинските демонстранти на Светите места и во делови од градот, кои, „ја нарушуваат светоста на луѓето во Ерусалим и на Ерусалим како град на мирот“ – стои во соопштението.
Судирите се случија поради палестинскиот револт заради иселување на семејства од нивните домови во источен Ерусалим од страна на еврејските доселеници, поттикнати од едномесечните расправии меѓу демонстрантите и полицијата во претежно арапскиот дел на градот.
Насилството ескалираше во понеделникот вечерта откако палестинските милитанти истрелаа ракети кон Ерусалим. Како одговор на тоа, израелската војска започна со воздушни напади против милитантни цели во појасот Газа.
Палестински здравствени власти во Газа соопштија дека 22 лица, вклучително и девет деца, починале во протестите. Израелската армија соопшти дека меѓу убиените има најмалку 15 припадници на групата Хамас, која владее со Газа.
Во изјавата на водачите на Ерусалимските цркви стои дека „посебниот карактер на Ерусалим, Светиот град, со постојното Статус Кво, ги принудува сите страни да ја зачуваат веќе чувствителната состојба“. Се додава дека „растечката тензија, поддржана главно од десничарски радикални групи, ја загрозува веќе кревката реалност во и околу Ерусалим“.
„Ја повикуваме меѓународната заедница и сите луѓе со добра волја“, пишуваат патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим, „да интервенираат за да се стави крај на овие провокативни активности, како и да продолжат да се молат за мир во Ерусалим.“
Ватикан њуз/к.мк