Екслузивно интервју на Католици.мк со Н.Е. надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите во Државниот секртаријат на Ватикан

Екслузивно интервју на Католици.мк со Н.Е. надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите во Државниот секртаријат на Ватикан

За време на престојот во Македонија на Н.Е. надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите во Државниот секрeтаријат на Светиот Престол, директорот на Радио Марија и главен и одговорен уредник на порталот Католици.мк, отец Гоце Костов разговараше со него за поводот на неговата посета во Македонија, дипломатските односи помеѓу Светиот Престол и Македонија, војната во Украина, можните полиња за соработката со МПЦ-ОА и предизвиците на полето на екуменската соработка, како и за тоа што значи да се биде мало стадо.

Ваша Екеселенција, Ви благодариме што го прифативте интервјуто за Радио Марија Македонија и Католици.мк

Кој е поводот за вашиот престој во Македонија и што тој значи за Црквата во Македонија и католиците како мало стадо?

Ви благодарам за можностa да се обратам на католичката заедница и на пошироката заедница овде во Северна Македонија.

Дојдов овде по покана од министерот за надворешни работи, господинот Османи, кој беше во Ватикан повеќе пати, придружувајќи делегации, придружувајќи го вашиот претседател итн. И ме покани посебно да учествувам на Вториот Преспа форум – дијалог, кој како што знаете е регионална средба каде се разгледуваат сигурносни проблеми, политички проблеми во регионот.

Со добра волја прифатив да дојдам и да можам да учествувам на овој одличен настан кој беше доста добро организиран од владата и властите и учествував на многу високо ниво со исто така многу добри придонеси. Тоа исто така ми даде можност да дојдам овде и да се сретнам со католичката заедница во Северна Македонија и како што велите е мало стадо. Како што знаете Папата Фрањо има посебна љубов кон малите стада. Всушност некои поголеми стада понекогаш се малку љубоморни на малите стада. Но тоа не е лоша работа, бидејќи се чувствувате охрабрени и на Папата тоа му е причинува задоволство. Па така моето доаѓање до одреден степен во неговото име и негова волја, е можност да се потврди верата и да се охрабрат луѓето. Јас лично дојдов со Папата пред неколку години, но никогаш досега не сум доаѓал сам. Така тоа ми даде можност да научам нешто за Северна Македонија, животот на католичката заедница овде и така да можам подобро да ги разберам вашите проблеми и вашите предизвици.

Дипломатските односи помеѓу Светиот Престол и Македонија се воспоставени на 21 декември 1994 година, односно од тогаш поминаа скоро 28 години. Како ги оценувате билатералните односи помеѓу Светиот Престол и Македонија? Дали можете да ни откриете низ какви предизвици поминале овие односи во минатато и кои се актуелните предизвици и некои планови за Македонија?

Дипломатските билатерални односи кој постојат помеѓу Светиот Престол и Северна Македонија се навистина многу добри, имаме редовни размени и навистина ни се важни овие односи.

Тоа е знак дека Македонија придава големо значење, така повеќе години има резидентен амбасадор во Рим. Тоа е голема посветеност на владата и многу го цениме ова, имаме како што реков пред неколку моменти редовни размени и имаме многу… Јас бев пречекан овде многу топло и имав можност да се сретнам со водечките авторитети на Црквата. Вистина е дека Црквата има неколку прашања во исчекување кои исто така ги презентиравме на владата, повторно, и ќе продолжиме да работиме на овие работи и се надеваме дека ќе бидат евентуално решени и тоа ќе биде извор на охрабрување за Католичката црква, тука во Северна Македонија.

Пред три години Папата Фрањо ја посети Македонија. Несомнено историски настан за земјата и Католичката црква во Македонија. Но дали тоа беше само јасен показател за добрите билатерални односи и дали можеме да очекуваме уште потесна соработка во односите на двете држави и на кои полиња?

Посетата на Папата пред три години случајно се совпаднаа со 25. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Северна Македонија и Светиот Престол. Тоа беше одличен начин да се одбележи. Посетата беше многу успешна и мислам дека Папате беше целосно задоволен, имаше топол пречек и огромно внимание од властите. И можeби во иднина ќе можеме да склучиме општ договор меѓу владата и Светиот Престол, би кажал да се наведат, разјаснат заедничките односи и посветеностите, услугите кои Црквата во Македонија сака да ги даде на републиката и исто така републиката да ги препознае правата и должностите на католичката заедница.

Но, односите се навистина многу добри и мислам мојата посета овие денови е сведоштво за тоа.

Папата Фрањо повеќе години зборува за светска војна во делови. Од февруари оваа година војната е присутна и на европско тло, преку војната во Украина. Постои страв од проширување на воените дејствија и на други држави. Пред некое време и самите бевте во посета на Украина и лично ги видовте последиците од ужасите на војната. Од самиот почеток на избувнувањето на тој конфликт Ватиканската дипломатија постојано бара пат до дијалог, кој ќе води до мир. Но колку е возможно да се воспостави праведен мир во свет во кој владее неправдата? Дали е возможен мир во свет во кој владее неправда во економијата, во меѓународните односи, во екологијата, кон мигрантите, кон верските малцинства, кон жените…

Верувам дека искуството од војната во Украина, како што рековте, за кое што сум сведок и самиот каде бев пред неколку недели, е голем повик да се разбуди човештвото, бидејќи војната нѐ изненади. Многумина од нас мислам во Европа мислеа дека нема место за уште една војна на стариот континент после Втората светска војна, која доведе страшни загуби и штета. Но повторно се случи. Затоа е крик за останатиот свет. Како прво треба да се молиме и да се надеваме дека овој ужаен конфликт ќе се заврши и тоа брзо и ќе ни помогне да избегнеме други конфликти.

Вистина е дека во стариот свет, во античкиот Римски свет е кажано дека ако сакате да го зачувате мирот, се подготвувате за војна. Мислам ако сакаме да избегнеме војна, треба да мислиме како да го зацврстиме мирот, треба да мислиме како да се решаваат проблемите на неправдата, на нееднаквоста, да ги слушаме гласовите на безгласните. Кои се нивните проблеми, ако сакаме да избегнеме проширување на војната, што е страшно предвидување, тоа е она за што меѓународната заедница работи за да ѝ помогне на Украина во нејзините напори да ја одбрани нејзината територија и да ја реши оваа страшна агресија на која што таа е предмет.

Но исто така треба да знаеме дека меѓународната заедница е посветена да се избегне проширување на војната, проширувањето би било ужасно со ужасни последици. Треба да пробаме и да работиме на тоа.

Папата потенцира три работи за кој верува дека се потребни, можеби во секое општество, ако сакаме да избегнеме конфликт и конфликтот потоа нѐ води во поголем конфликт и омраза, па и до конфликт и војна.

Прво Папата вели дека треба да го поттикнеме дијалогот меѓу генерациите.

Второ зборува за едукацијата како клучен фактор и треба да работиме на слободата, одговорноста и развојот. Ако работиме на овие фронтови, одиме по долгиот пат, но така ќе избегнеме ситуации што можат да доведат до војна и да кажеме на другата страна на монетата тоа е тоа што ќе го зацврсти и гарантира мирот.

И последната работа што Папата предлага е да се почитува човечкото достоинство. И ова е во основата на католичкото учење за односите за тоа како земјите се поврзани едни со други, како општествата работат заедно и како да постигнеме правда меѓу луѓето. Човечко достоинство, како што можеме да видиме во ужасниот конфликт во Украина, има стотици, илјадници мртви, човечкото достоинство е она кое не се почитува.

МПЦ-ОА ја испишува својата историја овие денови. Познати се добрите односи на МПЦ-ОА и Католичката црква. На кои полиња ја гледате понатамошната соработката со Православната црква и предизвиците на полето на екуменската соработка?

Само што се вратив од посетата на неговото Блаженство архиепископот Стефан, имавме навистина срдечна размена и разговор. Очигледно е дека има добра поврзаност меѓу МПЦ и Светиот Престол и воопшто со Католичката црква.

Па мислам дека можностите за соработка се многубројни, можеме да продолжиме со дијалогот, се сретнавме со луѓе кои имаат студирано на Папските универзитети во Рим и архиепископот е многу посветен на фактот дека овие стипендии треба да продолжат, со добрите можности на Дикастријата за промоција на единството меѓу христијаните и сигурен сум дека тоа ќе продолжи.

Но исто така на некои од проблемите во регионот, некои од политичките и општествените проблеми со кои се соочува овој регион на Западен Балкан, мислам дека Црквите треба да бараат насекаде начини за да дадат позитивни придонеси и да им помогнат и да ги охрабрат, посебно политичарите и граѓанските лидери, кои во оваа време се под голем притисок. Мораме да истакнеме дека има многу предизвици по патот на иднината, иднината на Северна Македонија во Европа, иднината поврзана со останатиот дел на балканскиот регион. И мислам дека посебно христијанските црквите и другите религиозни тела преку меѓуверски и екуменски дијалог можат да дадат значаен придонес. Па така многу сум охрабрен од средбата со неговото Блаженство, мислам дека воспоставивме и ги потврдивме добрите односи, кои од наша страна, од страната на Државниот секретаријат ќе ги продолжиме и ќе го известиме Светиот Отец за оваа позитивна и многу оптимистична димензија на мисијата која ја завршивме овде.

Ваша Екселенција Мотото за посетата на папата Фрањо во Македонија беше: „Не бој се мало стадо“. Што би порачале Вие на ова мало стадо католици во Македонија.

Стравот, за сите, без разлика дали е мало стадо или за било кој друг, не е добра работа, тоа е негативно чувство и Папата секогаш се борел со тоа, како и неговиот претходник Иван Павле II, тој секогаш велеше: „Не плашете се, одете напред“. И тоа е сигурно поракaта која Светиот Отец би ја пратил на католиците од двата обреда, латински и византиски, овде во Македонија.

Вистина, бројките се скромни, но и покрај тоа треба да се дава придонес, покрај сѐ постои католичка заедница. И една од работите што ги забележав овие неколку дена од мојот престој е дека постои опасност луѓето да бидат затворени во нивниот етнички, верски или културен идентитет. Не велам дека ние сме пример, но секако католичкиот идентитет нѐ предизвикува да мислиме пошироко, не само што е во интерес на католичката заедница, што е во интерес на поголемата заедница и да живееме според културната и верската традиција што е правилна за Католичката црква. Всушност што значи да се биде католик? Да се биде универзален и колку повеќе ги охрабруваме луѓето, толку повеќе се охрабруваат да се отворат за другите. Мислам дека тоа е огромниот придонес на Католичката црква овде. Скромна заедница, но придонесува за општеството овде. И мислам дека ние католиците треба да го правиме најдоброто, да дадеме придонес за изградба на оваа нација, да помогнеме за просперитетна и оптимистична иднина посебно за вашите младите луѓе, понудувајќи им би рекол алтернативи за миграцијата и гледањето иднина надвор, туку да се мисли дека тука во оваа убава и прекрасна земја има иднина за сите и тоа е на што ние работиме и се надеваме да го видеме во иднина.

Ваша Екселенција ви благодарам многу!

Отец, ви благодарам и на вас.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот