„Еден милион деца молат со Папата“ е „сон што стана реалност“

„Еден милион деца молат со Папата“ е „сон што стана реалност“

Извршната претседателка на „Помош на Црквата во неволја“, Реџина Линч, вели дека иницијативата „Еден милион деца молат Бројаница“ има за цел да ја поттикне молитвата и во семејствата.

За „Помош на Црквата во неволја“, учеството на папата Лав XIV во иницијативата „Еден милион деца молат Бројаница“ претставува „остварување на еден сон“, изјави извршната претседателка на организацијата, Реџина Линч.

Во четврток, 1 октомври, околу 700 до 1.000 деца, повеќето од парохиите во Рим и околината, му се придружат на Светиот Отец во молитвата Бројаница за мир во целиот свет.

Во интервју за Радио Ватикан пред настанот, Линч објасни дека годишната иницијатива започнала со мала група деца во Венецуела во 2005 година. Еден брачен пар, сопругот од Венецуела, а сопругата од Германија, ја пренел иницијативата во Германија и „почнал сè повеќе да ја шири низ целиот свет“, а подоцна таа ја добила и поддршката и учеството на „Помош на Црквата во неволја“.

Прекрасна иницијатива

„Деца од целиот свет кои се молат за мир“ е „прекрасна иницијатива“, продолжи Линч.

„Секоја година добиваме толку многу прекрасни сведоштва од целиот свет, од земји во кои понекогаш има војна или конфликт, за деца кои се молат за мир“, рече таа.

Таа потсети и на изреката на Падре Пио, која помогнала да се вдахнови иницијативата: „Кога еден милион деца се молат за мир, тие можат да го променат светот“.

Молитва за мир во конкретни околности

Иако главната накана на годишната молитва е мирот воопшто, Линч рече дека многу од децата што учествуваат природно ја поврзуваат молитвата и со сопствената животна состојба.

„На нашата веб-страница имаме карта на светот“, објасни таа, на која групите можат да се пријават за учество во иницијативата, иако, секако, секој може да се приклучи во молитвата Бројаница.

Линч спомена групи од Хаити, Судан, Перу, Боливија, Украина и Филипините, меѓу многуте места од кои деца се приклучуваат на иницијативата.

„Тоа е нешто што ги обединува децата од целиот свет. Тие знаат дека се дел од нешто во кое учествуваат и деца од далечни земји, кои се молат заедно со нив“, рече таа.

„Мислам дека тоа им дава надеж и ги охрабрува, и кога ќе пораснат, да продолжат да живеат живот исполнет со молитва.“

Поттикнување на молитвата во семејствата

„Идејата е преку ова охрабрување луѓето да продолжат да ја молат Бројаницата, не само денес, туку во текот на целиот месец октомври и понатаму“, продолжи Линч.

Потсетувајќи на познатите зборови на преподобниот отец Патрик Пејтон, познат како „свештеникот на Бројаницата“, Линч рече: „Семејството што се моли заедно, останува заедно. И мислам дека има многу семејства што денес нè слушаат и добро знаат што значи дома да ја молат Бројаницата заедно со своите деца.“

Затоа, рече таа, целта на иницијативата е да ја поттикне молитвата „не само во училиштата и не само во парохиите, туку навистина да ги охрабри семејствата да ја молат Бројаницата и во своите домови“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот