Во обраќањето на Постојаната мисија на Светиот Престол при Обединетите нации во Њујорк, на Единаесеттата конференција за преглед на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, беше нагласено дека „целосното елиминирање на нуклеарното оружје“ е „неопходна одговорност што бара конкретни и веродостојни чекори“.
Праведен, безбеден и траен мир се темели врз еден столб: разоружувањето. Патот кон негово постигнување и кон целосно елиминирање на нуклеарното оружје е содржан во Договорот за забрана на нуклеарното оружје (TPNW).
Поради тоа, Светиот Престол ги повикува сите држави што сè уште не го сториле тоа да му се приклучат на Договорот, имајќи ги постојано предвид „катастрофалните хуманитарни и еколошки последици од употребата на нуклеарно оружје“, кои би имале „разорни и далекусежни ефекти, надминувајќи ги границите и генерациите“.
Препораката беше упатена во петок, 1 мај 2026 година, од Постојаната мисија на Светиот Престол при Обединетите нации во Њујорк, по повод Единаесеттата конференција за преглед на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, која се одржува од 27 април до 22 мај.
Траен мир
„Во време на зголемен притисок врз темелите на меѓународната безбедност“, се истакнува во обраќањето, „клучно е да се земат предвид основните услови неопходни за траен мир“.
Нуклеарното разоружување има цел да го надмине „моделот на безбедност заснован врз страв, закана со сила и продолжување на меѓусебната ранливост“, модел што не може да понуди стабилна и трајна основа за мир.
Светиот Престол укажува на загрижувачки трендови, како што се „повторното оживување на нуклеарната реторика, проширувањето и модернизацијата на нуклеарните арсенали и развојот на доктрините за одвраќање на начини што ризикуваат да ги намалат праговите за употреба“.
На тоа се надоврзува и слабеењето на договорите за контрола на оружјето и за разоружување, кои долго време придонесуваа за стабилност, транспарентност и доверба.
Елиминирање на нуклеарното оружје
Целосното елиминирање на нуклеарното оружје, се истакнува во обраќањето, претставува „неопходна одговорност што бара конкретни и веродостојни чекори, насочени кон постигнување поправеден, побезбеден и потраен мир“.
Изразувајќи загриженост поради „брзата интеграција на новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, во нуклеарните системи“, Постојаната мисија ја повтори „потребата од унапредување на мерките за намалување на нуклеарниот ризик и деескалација“.
Во тој контекст, Светиот Престол ја истакнува потребата од ограничување на „улогата на нуклеарното оружје во безбедносните доктрини“, како и суштинската важност од „зголемување на транспарентноста и зајакнување на каналите за комуникација“.
Ватикан њуз/к.мк

