Отец Хозе Толентино де Мендонка продолжи да ја истражува темата за жедта заедно со папата Фрањо и членовите на Римската курија за време на нивните духовни вежби во Великиот пост. „Ја спознав својата жед“ и „Жед за ништо, кое нѐ прави болни“ беа темите на 19 и на 20 февруари 2018 година.
Проповедникот на 19 февруари попладне се фокусираше на станувањето свесни за внатрешната жед. Поврзувањето со сопствената жед не е лесна работа, но ако тоа не го направиме, нашиот духовен живот ја губи врската со реалноста – предупреди отец Хозе додавајќи дека со препознавањето на сопствената жед ги вкотвуваме своите духовни животи во конкретната реалност.
Отец Хозе Толентино де Мендонка потоа размислуваше за тоа како е можно да се оцени состојбата на нашата жед и како да се протолкува таа жед, и го сврте прашањето за Бог размислувајќи за Псалмот 41 во кој псалмистот пишува: „Како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!“ Жедта за вода се појавува кога нема вода. Жедни сме за Бог токму затоа што го чувствуваме неговото отсуство. Проповедникот објасни дека Божјото отсуство станува еден вид храм затоа што поттикнува желба, воздишка, потрага. И жедта станува тогаш еден вид непрекината молитва – рече дон Хозе.
Утрото, на 20 февруари 2018 година, во наговорот отец Хозе предупреди на опасноста од духовна тромост која е спротивна на жедта. Токму таа жед за ништо, која нè напаѓа повеќе или помалку неупадливо, нè прави болни. Напомена дека кога се откажуваме од својата жед, почнуваме да умираме. Кога се откажуваме од желбата, од задоволствата од средбите и разговорите со другите, од проектите, од работата, од молитвата; кога ќе попушти нашата љубопитност, нашата отвореност кон новото; кога сè изгледа како déjà vu, како товар кој нè притиска, тогаш започнуваме да умираме – истакна проповедникот.
Внатрешната суша и депресијата многумина денес ја сметаат за болест, но притоа не е доволно да се лекува со таблети, туку потребно е да се вклучи целата личност во процес на исцелување. Насочувајќи го притоа своето внимание на проблемот на исцрпеноста или изгорувањето кај свештеникот, отец Хозе Толентино де Мендонка објасни дека тоа секогаш не е последица на прекумерна работа, туку може да се работи и за недостаток на соодветна мотивација. Одговорот на сето тоа е Исус Кој повикува: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.“ (Мт 11, 28-29)
РВ/к.мк