Дедо Добри од Бајлово

Софија, 30.5.2013 /к.мк/ – Добри Добрев е роден 1914 година во своето родно село Бајлово во Бугарија, каде и денеска живее. Од своите четири деца, две надживеа. Го изгубил слухот во Втората светска војна поради гранатата која паднала близу до него. Секој ден оди 10 километри во Софија во својата рачно изработена облека и обувки, каде го поминува денот просејќи. Никогаш не користи превозни средства, без оглед на временските услови, бидејќи сака да пешачи.

Секогаш со нежен поглед и со пријатна насмевка, предизвикува страхопочит во секој кој ќе го сретне, а многу луѓе кои имале можност да го запознаат, барале благослов од него, бидејќи со својот понизен изглед, начин на живот и однесување, со сива коса и долга брада, Добри изгледа како човек од Библијата.

Овој старец на прагот од стотата година од животот, до пред неколку децении живеел сосема нормален начин на живот, и тогаш станал просјак. Всушност, не класичен просјак, како повеќето медиуми го нарекуваат, бидејќи Добри не бара пари за себе, туку собира пари и ги дава на сиромашните, и поклонува на православните цркви во своето село и во околината. Така неодамна е откриено дека секоја пара која ја собрал, преку 40 000 евра, ги донирал за бугарските манастири и цркви кои пропаѓаат, како и за покривање на комуналните сметки на сиропиталиштата. Самиот живее со 80 евра.

Повлечен во својот свет, Добри стои на улиците и плоштадите во Софија, или на влезните врати од црквите, со мала чаша во раката пружајќи ја кон оние кои поминуваат. А кога некој ќе стави пари во таа чаша, Добри од срце му благодари, често се поклонува и му ја бакнува раката на човекот, со желба здравјето да го служи и да го следи секое добро во животот. Затоа многумина во Бугарија го нарекуваат жив светец.

Говорејќи за својот начин на живот, Добри вели дека преку овој начин на живот сака да врши покора за својот голем грев од минатото, а сумата од собраните пари не сака да ја коментира, бидејќи како што наведува, тој тоа не го прави за да се говори за тоа, ниту луѓето да му заблагодаруваат.

Категорија: Свет

За авторот

Write a Comment

<