Да се биде христијанин и да се биде мисионер е иста работа
Папата во пладневниот наговор на Ангел Господов го истакна приоритетот за евангелизирање на сиромашните. А што значи да се евангелизираат сиромашните? Тоа значи пред сè – кажа – да им се приближиш, со радост да им служиш, да ги ослободиш од нивната угнетеност, а сето тоа во името и со Духот Христов.
Да се биде христијанин и да се биде мисионер е иста работа – истакна Папата во наговорот пред молитвата Ангел Господов на 24 јануари. Светиот Отец се осврна на денешниот дел од Евангелието во кој свети Лука го претставува Исусовиот „програмски говор“ во назаретската синагога: „Духот Господов е врз Мене; затоа ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните.“
Да се евангелизираат сиромашните: тоа е Исусовото послание, а тоа е и посланието на Црквата, како и на секој крстен во Црквата. Да се навестува Евангелието со зборови, а пред сè со живот е главната цел на христијанските заедници и на секој нејзин член – рече папата Фрањо.
Но што значи да се евангелизираат сиромашните? Тоа значи пред сè да им се приближиш, со радост да им служиш, да ги ослободиш од нивната угнетеност, а сето тоа во името и со Духот Христов затоа што Тој е Божјото Евангелие, Тој е Божјото милосрдие, Тој е Божјото ослободување, Тој стана сиромашен за да нè збогати со своето сиромаштво – објасни Светиот Отец, додавајќи дека месијанското навестување на Божјото царство на преференцијален начин е упатено на маргинализираните, затворениците и угнетените.
Веројатно во Исусовото време тие луѓе не биле во центарот на верските заедници. А можеме да се запрашаме: дали денес во своите парохиски заедници, здруженија и движења сме верни на Исусовата програма? Дали евангелизирањето на сиромашните ни е приоритет? – праша папата Фрањо и веднаш истакна: Внимавајте. Не се работи само за пружење социјална помош, а уште помалку за политичка активност. Се работи за пружење сила на Божјото Евангелие кое преобраќа срца, оздравува рани, преобразува човечки и општествени односи според логиката на љубовта. Сиромашните се – рече Папата – навистина во центарот на Евангелието.
Затоа пред молитвата Ангел Господов посака Блажена Дева Марија да ни помогне силно да ја почувствуваме гладта и жедта за Евангелието во светот, особено во срцата и телото на сиромашните. Секој од нас и секоја христијанска заедница конкретно да го сведочиме големото милосрдие кое ни го даруваше Христос – рече папата Фрањо.
РВ/к.мк