На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо ги упати своите посебни мисли кон народот во Авганистан, кој на 7 октомври, во западниот регион, беше погоден од разорен земјотрес кој предизвика околу 3.000 смртни случаи, додека речиси 10.000 беа повредени: „Илјадници жртви, вклучително и жени и деца. Ги повикувам сите луѓе со добра волја да ги ублажат страдањата на овие луѓе“. Папата се молеше и за напатената Украина и за оние кои страдаат од глад, неправда и војна
Покрај тагата за насилството што се случува на Блискиот Исток, папата Фрањо ја изрази и својата загриженост за Авганистан, кој на 7 октомври беше погоден од силен земјотрес и каде земјата продолжува да се тресе. На крајот од Генералната аудиенција во среда 11 октомври 2023 година одржана на плоштадот Свети Петар, Папата поттикна на молитва за сите оние кои страдаат од глад, неправда и војна, особено за саканата и напатена Украина, а посебни мисли упати за авганистанското население, за народот – како што рече – кој страда по силниот земјотрес што го погоди, предизвикувајќи илјадници жртви, меѓу кои и многу жени, деца и бегалци.
За да се ублажи страдањето на луѓето
Папата ги охрабри сите луѓе со добра волја да му помогнат на овој народ кој е веќе толку измачуван, придонесувајќи во духот на братството да се ублажат страдањата на луѓето и да се поддржи потребната обнова.
Повеќе од 3000 мртви
Во саботата, на 7 октомври, силна серија земјотреси со јачина меѓу 4,6 и 6,3 степени според Рихтеровата скала ја опустоши провинцијата Херат, израмнувајќи 20 села и предизвикувајќи околу 3.000 загинати и речиси 10.000 повредени, според првите проценки објавени од талибанскиот режим во Кабул преку органите за управување со вонредни состојби. Епицентарот се наоѓал недалеку од Зинда Јан, на оддалеченост од околу 55 километри североисточно од градот кој се наоѓа во долината на реката Хари, во центарот на провинцијата Херат.
Нов земјотрес
Нов силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала во последните неколку часа повторно го потресе западот на земјата. Според Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), нов земјотрес во изминатите часови ја погоди областа во близина на градот Херат, недалеку од епицентарот на земјотресот од минатата сабота.
Ватикан њуз/к.мк