Да го навестуваме Евангелието без злоупотреба на христијанскиот статус
Треба да го навестуваме Евангелието без злоупотреба на христијанскиот статус – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 7 февруари во капелата на домот Света Марта, коментирајќи го делот од Евангелието по Марко во кое се зборува за маченичката смрт на свети Иван Крстител.
Цар Ирод го уби Иван Крстител за да ја задоволи својата љубовница и нејзината ќерка. Иван кратко живеел навестувајќи го Божјото Слово. Бог него го испратил за да го подготви патот на неговиот Син, а тој својот живот го заврши на царскиот двор каде што царот со кнезови го славел својот роденден и каде што е дозволено сѐ: корупција, пороци, злосторства. А што направи Иван? Пред сѐ го навестува Господ, дека Господ е близу, дека се приближува Царството Божјо: го правел тоа со целото свое битие: крштевал и сите ги поттикнувал на преобраќање. Бил силен човек и го навестувал Исус Христос – истакна Папата.
Прво што направил, навестувајќи го Исус Христос е тоа што не го злоупотребил својот морален авторитет. Можел да каже дека е месија – потсети Папата затоа што уживал голем морален авторитет. Народот го следел, а Евангелието вели дека повикувал на преобраќање. Сите му ја признавале – фарисеи и книжници – безгрешноста и затоа го прашувале дали е тој месијата. Затоа можел да го искористи својот авторитет – рече Папата и продолжи:
Напротив, бил јасен. Одлучно одговорил: „Не, јас не сум месија. После мене иде посилен од мене. Јас не сум достоен да му ги одврзам ремењата од обувките негови“ Иван бил многу јасен, „не ја украл титулата. Не го злоупотребил повикот.“ Бил „вистински човек“: Не го кради достоинството! И трето, додаде Папата, го следи Исус „главно на патот на понижувањето: Иван сѐ до крајот, сѐ до смртта.“ Умрел со слична смрт како Исус: како разбојник, крадец, злосторникот на крстот – рече Папата.
Има понижувачка смрт. И Иван има своја Маслинова градина, своето страдање во затворот, кога ги испрати своите ученици да го прашаат Исус: „Кажи ни дали си ти, или да чекаме друг да дојде?“ Ноќ на душата, ноќ кој прочистува, како Исус во Маслиновата градина. А Исус на Иван му одговори, како што Отецот му одговори на Исус – со утеха. Темната ноќ на душите на Божјите луѓе! Во овој момент помислувам на ноќта на душата на блажена Мајка Тереза од Калкута, жена која целиот свет ја фали, добитничка на Нобелова награда. Но таа знае дека во еден период од нејзиниот живот, долго било само темнина – рече Папата.
Навестител на Исус Христос, Иван не го злоупотребил пророштвото и е пример за учениците. А каде бил изворот на тоа однесување на ученик?, праша Папата одговарајќи: „На една средба.“ Евангелието ни говори за средбата на Марија и Елизабета, кога Иван заиграл во утробата на Елисавета. Биле роднини. Можеби и покасно некој пат се сретнале. Од таа средба срцето на Иван е испонето со голема радост и го направи ученик. Иван го навестува Исус Христос, не го зазема местото на Исус, туку го следи неговиот пат – истакна папата Фрањо.
Завршувајќи ја проповедта Папата рече дека би било добро и ние да го провериме своето учеништво: го навестуваме ли Исус Христос? Го злоупотребуваме ли својот христијански статус како привилегија? Иван не го злоупотребил пророштвото. Треба исто така да се прашаме дали одиме по Христовиот пат? Патот на понизноста и понижувањето заради служење. А ако откриеме дека не сме постојани, тогаш треба да се прашаме: „Кога јас сум се сретнал со Христос, кој ме исполни со голема радост?“ Треба да се присетиме на таа средба да му се вратиме. Сите сме имале свој прв пат со Него. Факт е дека треба да се вратиме, со Него одново да се сретнеме да одиме напред на тој прекрасен пат, на кој Он мора да расте, а ние да се смалуваме – заврши на крајот папата Фрањо.
РВ/Д.И.