Годишнина од хиротонијата на Н.В.П. д-р Киро Стојанов и основањето на Апостолскиот егзархат во Македонија
Скопје, 01.05.2013 /к.мк/ – Со архиерејска Света Литургија која ја предводеше Н.В.П. д-р Киро Стојанов во капелата на Епископскиот ординаријат на која што присуствуваше духовенството беше одбележана годишнината од неговото епископско посветување. Имено Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, прими епископско посветување на 01.05.1999 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, од страна на тогашниот секретар на Конгрегацијата за Источни цркви Н.В.П. Мирослав Марусин, а сопосветители беа претходниот наш ординариј Н.В.П. д-р Јоаким Хербут, како и крижевачкиот епископ Н.В.П. Славомир Микловш, во присуство на многу епископи и свештеници.
Денешниот датум е од големо значење за Католичката црква во Македонија, бидејќи на денешен ден исто така се одбележува годишнината од основањето на Апостолскиот Егзархат во Република Македонија. На 01.05.2001 година е основан Апостолскиот Егзархат со седиште во Струмица, а како прв Апостолски Егзарх беше назначен сега веќе покојниот епископ д-р Јоаким Хербут.
Месец мај е посветен на нашата Небесна мајка Пресвета Богородица. Во својата хомилија Неговото Преосвештенство потсети на милостите кои ние ги добиваме преку заштитата и заговорот на нашата небесна Мајка. Марија преку својата слободна волја рече „да“ на Божјиот повик да биде Мајка на Спасителот на светот. Каков е нашиот одговор на Божјиот повик кој не повикува да Го следиме Неговиот пат?
На Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов од се срце му ја честитаме годишнината од неговото епископско посветување, со желби Божјиот благослов секогаш да го следи во неговата одговорна пастирска служба.
На многаја лета, Владико!