Говорот на Папата Фрањо на универзитетот Ал-Азхар

Говорот на Папата Фрањо на универзитетот Ал-Азхар

Сите заедно да кажеме одлучно и јасно „Не!“ на секој облик на насилство, освета и омраза кои се прават во Божјо име, повика папата Фрањо во говорот на Меѓународната конференција за мир на универзитетот Ал-Азхар во Каиро на 28 април 2017 година, пренесува Радио Ватикан.

Тој ја истакна важноста за едуцирање на идните генерации без кое нема да има мир. Образованието станува мудрост за животот ако е способно да го „Извлече“ од човекот она најдоброто, негувајќи притоа отвореност, а не затвореност во себе. Отфрлајќи ја неискреноста и злоупотребувајќи ја моќта, мудроста се фокусира на човековото достоинство и на етиката достојна за човекот.

Папата потоа предложи три точки кои можат да помогнат за дијалог, посебно меѓурелигиски, ако се поврзат на соодветен начин. Имаме обврска за почитување на секој идентитет како и идентитетот на другите, бидејќи вистинскиот дијалог не може да се изгради на нејасност или на жртвување на некое добро за да се задоволат другите. Потребнa ни е храброст за прифаќање на разликите на оние кои се различни, да не се однесуваме како кон непријатели, туку да ги пречекуваме како сопатници, со уверување дека доброто на секој почива врз доброто на сите.

Конечно, ни треба искреност во намерите, затоа што дијалогот како автентичен израз на нашата човечност не е стратегија за постигнување на одредени цели, туку пат кон вистината кој треба да се преземе трпеливо за ривалството да се претвори во соработка. Единствена алтернатива на цивилизираноста на средбата е нецивилизираност на конфликтот. Заради тоа е потребно да се следат младите луѓе и да им се помогне на патот на созревањето за ефикасно да се спротивставиме на варваризмот на оние кои промовираат насилство. Сите – христијани, муслимани и други – се повикани да го понудат својот специфичен придонес, истакна Папата. Како верски водачи имаме обврска да го разоткриваме насилството кое се сокрива под маската на наводната светост, да се осуди повредата на човековото достоинство и човековите права, да се демаскираат обидите за оправдување на било каков облик на омраза во име на религијата и да се осудат тие обиди како идолопоклонички карикатури на Бог, порача папата Фрањо, додавајќи дека само мирот е свет и ниту едно насилно дело не може да се направи во Божјо име затоа што претставува осквернување на Неговото име.

Да кажеме заедно одлучно и јасно „Не!“ на секој облик на насилство, освета и омраза кои се прават во Божјо име! Да ја потврдиме заедно дека се неспојливи насилството и верата, верувањата и омразата. Сите заедно да прогласиме светост на секој човечки живот пред сите облици на насилство, повика Светиот Отец. Ако верата не е родена од автентична љубов кон милосрдниот Бог, тогаш таа е само општествена творба која човекот не го ослободува, туку го гмечи. Да кажеме заедно: колку повеќе растеме во љубовта кон Бог, толку повеќе растеме во љубовта кон ближниот, истакна Папата.

Религијата не служи само за разоткривање на злото, туку има и внатрешен повик за промовирање на мир, денес можеби најмногу од било кога. Не запаѓајќи во синкретизам, наша задача е да се молиме едни за други, барајќи го од Бог дарот на мирот, среќавајќи се едни со други, впуштајќи се во дијалог и со тоа да се промовира хармонија во духот на соработката и пријателството, поттикна папата Фрањо. Од своја страна христијаните се повикани кон сите да се однесуваат како кон браќа и сестри, затоа што сите сме создадени на Божја слика. Бог на сите оние кои имаат доверба во неговата љубов им гарантира дека на луѓето им е отворен патот на љубовта и дека напорите околу воспоставувањето на општо братство не се залудни, туку уште повеќе тие напори се клучни, рече Светиот Отец.

Потоа предупреди на опасноста од популизам и повика на искоренување на сиромаштвото и искористувањето кои помагаат за лесно вкоренување на екстремизмот. Поттикна на спречување на проток на пари и оружје кои се одредени за причинители за насилството и уште порадикално, на прекин на ширењето на вооружување. Сите – најмногу политичките водачи, институциите, медиумите и оние кои имаат водечка улога на културното подрачје – се повикани да започнат процес на мир, поставувајќи цврсти темели за сојуз помеѓу народот и државата, заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот