По долго време повторно во присуство на поклоници, папата Фрањо ја искажа својата радоста на Генералната аудиенција поради личната средба со луѓето и нивните животни приказни. Во катехезата тој објасни дека христијанскиот живот не е лесен, но Исус е секогаш со нас. Потсети и на еден настан во Аргентина, за еден татко кој тагувал поради болеста на неговата ќерка, кого, по една ноќ помината во молитва пред базиликата во Лухан, Богородица му ја услиша молитвата. Тој го спомна и Свети Иван Павле II, во пресрет на 40-годишнината од атентатот на плоштадот Свети Петар.
Во среда 12 мај 2021 година, по подолго време, папата Фрањо повторно одржа Генерална аудиенција со присуство на верници, во дворот на Свети Дамаз од Апостолската палата во Ватикан. Мило ми е што сме повторно очи в очи на оваа средба, затоа дозволете ми да ви кажам нешто: не е убаво да се зборува пред ништо, само пред некоја камера. Не е убаво – истакна Папата на почетокот на катехезата и додаде дека, напротив, убаво е повторно да се среќаваат луѓе, секој со својата животна приказна. Ви благодарам за присуството и посетата. Понесете ја пораката на Папата до сите. Пораката на Папата е дека се моли за сите и ги замоли да се молат за него поврзани во молитвата.
Говорејќи на катехезата за молитвата, Папата истакна дека христијанскиот живот не е како прошетка. Кој сака да моли, мора да има предвид дека верата не е лесна и понекогаш се живее во скоро целосна темнина, без упориште. Христијанската молитва, како и целиот христијански живот, не е прошетка – рече Светиот Отец и додаде: Може да се моли како папагал, но тоа не е молитва. Молитвата, секако, дава голем мир, но преку внатрешна борба, понекогаш тешка, која може да придружува долги периоди од живот.
Не е лесно да се моли и затоа бегаме од молитвата. Секојпат кога ќе сакаме да го сториме тоа, веднаш ни паѓаат на ум многу други активности кои во тој момент изгледаат поважни и поитни. Ова ми се случува и мене – истакна Папата и додаде: Бегаме од молитва. Скоро секогаш, откако ќе ја одложиме молитвата, сфаќаме дека тие работи воопшто не биле важни и дека можеби сме изгубиле време. Така не залажува непријателот.
Молитвата поттикнува радост, но и напор – забележа Папата. Во некои моменти, треба да се бориме за да останеме верни на времето и начинот на молење. Тишина, молитва, концентрација, тоа се тешки вежби, а човечката природа понекогаш се бунтува. Најлошите непријатели на молитвата се во нас. Катехизмот ги нарекува вака: „Охрабрување наспроти нашата сувост, жалост поради тоа што не му дадовме сè на Господ, затоа што имаме„ голем имот“, разочарување затоа што не сме биле услишани според нашата сопствена волја, повреда на нашата гордост која упорно опстојува на својата грешна недостојност, неподнесување на молитвата. (KKC бр. 2728) – потсети Папата и се присети на случајот на едно аргентинското семејство.
Таткото на тоа семејство во еден момент дознава дека неговата ќерка е сериозно болна поради инфекција. Според докторот, таа не можела да ја преживее ноќта. Плачејќи, то јчовек ги оставил сопругата и ќерката во болница, се качил во воз и отпатувал во базиликата во Лухан. Кога пристигнал, базиликата веќе била затворена, па ги зграпчил решетките на оградата и молел, цела ноќ се молел. Рано наутро влегол во базиликата и се помолил на Богородица. Тој призор е неизбришлив; Го видов! Го доживеав тоа – истакна Папата. Борбата на тој татко во молитвата претходеше на насмевката на неговата сопруга која, кога се врати дома, му рече дека нивната ќерка необјасниво оздравела. Богородица го услиша. Молитвата прави чуда – истакна Папата.
Што да се прави во време на искушение, кога сè изгледа несигурно? – праша Папата. Во време на искушение, добро е да запомните дека не сме сами, дека некој нè чува и нè штити. Исус е секогаш со нас – истакна папата Фрањо и додаде: Ако во моментот на слепило не успееме да го забележиме неговото присуство, ќе успееме во иднина. И на нас ќе ни се случи да ги повториме зборовите кои еден ден ги изговори патријархот Јаков: „Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев!” (1. Мојсеева 28,16). На крајот од животот, свртувајќи го поглед наназад и ние ќе можеме да кажеме: „Мислев дека сум сам, но не, не бев; Исус беше со мене “, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк