Генерална аудиенција: „Сокриените“ светци од секојдневието нè учат што е Божјиот дар „јакост“
„Сокриените“ светци во Црквата се оние кои нè учат што е Божјиот дар „јакост“ – е главна мисла од катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција одржана во среда 14 мај 2014 година на плоштадот Свети Петар, во присутност на повеќе од 60.000 луѓе. Ја разбиваме мрзливоста и малодушноста – рече Папата молејќи од Бога сила која доаѓа од верата.
Светци без темјан и без олтар на кој може да им се моли и да им се запали свеќа. Светци од крв и месо кои можеби живеат во нашата зграда, а ние тоа не го знаеме, сокриени со превезот на секојдневието; или можеби имаме среќа да ги познаваме и уживаме во нивната цврста вера без ореол. На тие личности и на канонизираните светци, заедничка крепост е онаа која доаѓа одозгора, а тоа е јакоста – истакна папата Фрањо и тој посебен дар на Светиот Дух го објасни давајќи ја како пример сокриената светост.
Таа светост блеска најмногу во тешките моменти, во крајните ситуации, кога мажите и жените се соочуваат со посебно тешки и болни искуства кои го пореметуваат нивниот живот и животот на нивните семејства. Меѓутоа, тие наши браќа и сестри се секојдневни светци, светци сокриени меѓу нас; го имаат дарот на јакост за извршување на својата должност како личности, како татковци, мајки, браќа, сестри, граѓани. Ги имаме многу – истакна Светиот Отец.
Во тие светци без име, духовниот дар на јакост има допирливи последици, кои папата Фрањо ги објасни со познатата приказна за сејачот, кој го фрла семето на Словото на земјата, односно во срцата; некои добри, некои неплодни, некои слаби. Со дарот на јакост (…) Светиот Дух го ослободува просторот на нашето срце, го ослободува од замреност, несигурност и сите стравови кои може да го одвратат во примената на Господовото Слово, вистински и радосно. Дарот е вистинска помош за храброста, ни дава сила и нè ослободува од бројни препреки – напомена Папата.
Меѓутоа, не треба да се мисли дека јакоста е дар само за тешките моменти. Тука Светиот Отец беше многу јасен. Секој ден во животот треба да бидеме храбри, под услов дарот на јакост да се сретне со понизноста на нашето срце – рече Папата и ги наведе зборовите на апостолот Павле: ’Сè можам преку Исус Христос, Кој ме крепи’ – повтори Папата и истакна – Господ ни дава секогаш сила. Господ не нè искушува повеќе отколку што можеме да поднесеме. Тој е секогаш со нас.
На крајот на аудиенцијата Светиот Отец молеше за жртвите од трагедијата во рудникот во Соми, Турција, во која загинаа најмалку 238 лица, а се проценува дека под земја се заробени уште 120 рудари. Упатувајќи апел да се направи сè како би се спасиле тие работници, папата Фрањо повика на молитва за загинатите и за заробените во окната. Господ покојните нека ги прими во својот дом, а на нивните семејства нека им даде утеха – рече Папата.
Светиот Отец ја спомна и последната трагедија на бегалци во Медитеранското море и повика на молитва и за нив. На прво место нека се стават човечките права; да молиме за тоа, на прво место да се стават човечките права и да се соединат сите сили како би се спречиле такви срамотни трагедии – истакна папата Фрањо.
РВ/С.С.