Слободата не значи да се прави она што се сака, а е вистинска кога се изразува во она што изгледа дека е спротивно, во служењето, истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, во среда 5 јуни 2024 година, посветена на името Руах’ со кој изворно е наречен Божјиот Дух во Библијата. Сликата на ветрот што превртува сè е соодветна за третото лице на Пресветата Троица. Духот не може да се „институционализира“, всушност, Тој ги распределува Своите дарови како што сака. Донесуваме целосен превод на катехезата на Папата.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во денешната катехеза сакам да размислувам со вас за имињата со кои се нарекува Светиот Дух во Библијата. Првото нешто што го учиме за една личност е неговото име. Ја викаме по него, ја разликуваме и по него ја паметиме. И третото лице на Пресвета Троица има име: се нарекува Свети Дух. Но, „Дух“ („Spirito“ на италијански, на пр.) е латинизирана верзија. Името на Духот, по кое тој бил познат од првите приматели на објавата, со кој го нарекувале пророците, псалмистите, Марија, Исус и апостолите, е Руах, што значи ветер, здив.
Во Библијата името е многу важно што речиси се поистоветува со самата личност. Да се свети Божјото име значи да се свети и почитува самиот Бог. Тоа никогаш не е чисто конвенционално име: името секогаш кажува нешто за личноста, неговото потекло, неговото послание. Истото важи и за името Руах. Ја содржи првата основна објава за личноста и улогата на Светиот Дух.
Со набљудување на ветрот и неговите пројави, библиските писатели биле водени од Бога да откријат „ветер“ од различна природа. Не случајно слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на Педесетница било придружено со „звук на силен ветер“ (сп. Дела 2,2). Како да сакаше Светиот Дух да го стави својот потпис на она што се случува.
Што ни кажува за Светиот Дух неговото име Руах? Сликата на ветрот служи пред сè за да ја изрази силата на Божјиот Дух. „Дух и сила“ или „силата на духот“ е бином што често се појавува низ Библијата. Имено, ветрот е неодолива и нескротлива сила. Може дури да ги разбранува и океаните.
Меѓутоа, и во овој случај, за да го откриеме целосното значење на реалноста на Библијата, не смееме да застанеме на Стариот Завет, туку треба да дојдеме до Исус. Заедно со силата, Исус ќе изнесе на виделина уште една карактеристика на ветрот, неговата слобода . На Никодим, кој доаѓа да го посети ноќе, тој свечено му вели: „Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.” (Иван 3,8).
Ветерот е единственото нешто што не може целосно да се искористи, не може да се „чува“ во шишиња или кутии. Ајде да се обидеме да го „чуваме“ Светиот Дух во шишиња или кутии: не е моно, Тој е слободен. Да се обидеш да го ограничиш Светиот Дух во концепти, дефиниции, тези или трактати, како што понекогаш се обидува модерниот рационализам, значи да го изгубиш, да го поништиш или да го сведеш на чисто едноставен човечки дух. Меѓутоа, во Црквата има слично искушение, а тоа е желбата да се ограничи Светиот Дух во канони, институции, дефиниции. Духот создава и вдахновува институции, но Самиот Тој не може да биде „институционализиран“. Ветерот дува „каде што сака“, така што Духот ги раздава своите дарови „како што сака“ (1 Коритјаните 12,11).
Сето тоа свети Павле ќе го направи основен закон за христијанското делување. Слободен човек, слободен христијанин е оној кој го има Духот Господов. Тоа е многу посебна слобода, многу поинаква од она што обично се подразбира. Не е слобода да правиш што сакаш, туку слобода да го правиш слободно она што Бог сака! Тоа не е слобода да правиме добро или зло, туку слобода да правиме добро, и тоа слободно, односно затоа што нè привлекува, а не затоа што сме принудени да го правиме тоа. Со други зборови, слободата на синови, а не на робови.
Павле е многу свесен за злоупотребата и недоразбирањата што може да се случат во врска со оваа слобода. Имено, тој им пишува на Галатјаните: „Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг“ (Галатјаните 5,13). Слобода која се изразува во она што изгледа дека е нејзина спротивност, се изразува во служење, а во служењето е вистинска слобода.
Добро знаеме кога таа слобода станува „изговор за телото“. Павле дава список кој е трајно актуелен: „прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, ереси, зависти, убиства, пијанство, срамни гостувања и други слични работи“ (Галатјаните 5,19-21). Но, ова важи и за слободата, со која богатите ги искористуваат сиромашните, силните ги искористуваат слабите, и сите неказнето ја искористуваат околината. А тоа е грда слобода, не е слободата на Духот.
Браќа и сестри, од каде да ја црпиме оваа слобода на Духот, толку многу спротивна на слободата на егоизмот? Одговорот е во зборовите што Исус им ги упати на своите слушатели: „И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (Иван 8,36). Тоа е слободата што ни ја дава Исус. Да го молиме Исус да нè направи, со својот Свет Дух, вистински слободни мажи и жени. Слободни за служење, во љубов и радост. Ви благодарам!
Ватикан нуз/к.мк