Генерална Аудиенција на Папата: Преку Крштението сите сме повикани да бидеме мисионери
Драги браќа и сестри, добар ден!
Минатата среда ја започнавме кратката серија на катехези за светите Тајни, почнувајќи од крштението. На крштението ќе се задржам и денес, за да го истакнам многу важниот плод на таа света Тајна: по неа стануваме органи на Христовото тело и членови на Божјот народ. Свети Тома вели дека оној кој прима крштение станува вграден во Христос скоро како негов орган и станува поврзан со заедницата на верници (сп. Summa Theologiae, III, q. 69, art. 5; q. 70, art. 1), т.е. со Божјот народ. Во учењето на Вториот Ватикански собор ние велиме дека по крштението влегуваме во Божјот народ, стануваме членови на еден народ на пат, народ кој патува низ историјата.
Како што се пренесува живот од генерација на генерација, така и од поколение на поколение повторно се раѓаме од крштелниот извор, се пренесува милост и со таа милост христијанскиот народ се движи во времето, како река која ја наводнува земјата и го шири во светот Божјиот благослов. Од моментот кога Исус, како што слушнавме во Евангелието, ги испрати учениците да одат да ги крштаваат луѓето, па до денес постои еден ланец во пренесувањето на верата на крштевањето. И секој од нас е алка во тој ланец: чекор напред, секогаш; како реката која наводнува. Така е тоа со Божјата милост и така е тоа со нашата вера, која мораме да ја пренесуваме на децата, за да можат и тие кога ќе пораснат да ја пренесат на своите деца. Така е тоа со крштението. Зошто? Затоа што по крштението влегуваме во тој Божји народ кој ја пренесува верата. Тоа е многу важно. Божји народ кој оди и ја пренесува верата.
По крштението стануваме ученици мисионери, повикани да го носиме Евангелието во светот (сп. Апостолско писмо Evangelii gaudium, 120). „Секој крстен, независно од својата позиција во Црквата и степенот на својата верска наобразба е активен носител на евангелизација… Новата евангелизација повикува на посебно вклучување на сите крстени“ (исто), сите, целиот Божји народ, ново посебно вклучување на секој од крстените. Божјот народ е народ ученик – затоа што прима вера- и мисионер затоа што ја пренесува верата. И тоа е она што го прави крштението во нас: ни дава милост и ја пренесува верата. Сите сме во Црквата ученици и тоа сме засекогаш за целиот живот; и сите сме мисионери, секој на местото кое Господ му го доделува. Сите. Најмалиот е исто така мисионер; и оној кој се прави најголем е ученик. Но некој од вас ќе каже: „Епископите не се ученици, епископите знаат; Папата знае сѐ, не е ученик.“ Не, и епископите и папата мора да бидат ученици, затоа што ако не се ученици тоа не е добро, не можат да бидат мисионери, не можат да ја пренесат верата. Сите сме ученици и мисионери.
Постои нераскинлива врска помеѓу мистичната и мисионерската димензија на христијанскиот повик, кои имаат свој корен во крштението. „Примајќи ја верата и крштението, ние христијаните го прифаќаме делувањето на Светиот Дух што нѐ води до тоа да го исповедаме Исус Христос како Син Божји и да го нарекуваме Бог „Ава, Оче. Сите ние, крстен и крстена… повикани сме да ја живееме и пренесуваме верата во заедништво со Пресветата Троица, затоа што евангелизацијата е повик за учество во тринитарно заедништво.“ (Завршен докумнет од Апарецида, бр. 157).
Никој не се спасува сам себе. Ние сме заедница на верници, ние сме Божји народ и во таа заедница ја доживуваме убавината на споделувањето на искуството на една љубов која на сите ни претходи, но која истовремено од нас бара да бидеме „канали“ на милости едни за други, и покрај нашите ограничувања и нашите гревови. Димензијата на заедништвото не е само некоја „рамка“, некоја „граница“, туку е составен дел на христијанскиот живот, сведочење и евангелизација. Христијанската вера се раѓа и живее во Црквата и крштението семејството и парохијата го слават вградувањето на новиот член на Христос и неговотот тело кое е Црквата. (сп. исто, бр. 175б).
Во врска со важноста на крштението за Божјиот народ како пример може да послужи историјата на христијанската заедница во Јапонија. Таа во почетокот на 17 век претрпела жестоки прогони. Многу поднеле мачеништво, свештениците се истерани, а илјадници верници се убиени. Во Јапонија не останал ниеден свештеник, сите се протерани. Тогаш заедницата се повлекла во тајност, чувајќи ја верата и молитвата во тајност. А кога ќе се родило дете, таткото или мајката го крштавале, затоа што во одредени околности сите верници можат да крстат. Кога после два и пол века покасно мисионерите се враќаат во Јапонија, илјадници христијани излегле од тајност и Црквата можела повторно да цвета. Преживеале по милоста на своето крштение! Тоа е големо: Божјот народ ја пренесува верата, ги крсти своите деца и оди понатаму. Сочувале, и покрај тоа што биле во тајност, силен дух на заедништво, затоа што по крштението станале едено тело во Христос: биле изолирани и се сокривале, но биле членови на Божјот народ, членови на Црквата. Можеме многу да научиме од историјата на христијаните во Јапонија!
РВ/Д.И.