Навестување на Евангелието во едноставноста на животот целосно посветен на молитвата и служењето на најслабите е сведоштвото на првата домородна жена од Северна Америка прогласена за светица. За неа на Генералната аудиенција во среда 30 август 2023 година зборуваше папата Фрањо, претставувајќи ја како пример за апостолска ревност и трпение во тешкотиите. „Трпението и срцето отворено за Исус се рецептот за добар живот“.
Света Катери Текаквита, родена околу 1656 година во државата Њујорк, е првата севреноамериканска домородна жена која е прогласена за светица. Папата Фрањо ја стави во центарот на својата катехеза на Генералната аудиенција што се одржа на 30 август, во салата на Павле Шести. Темата на неговата катехеза сè уште е апостолска ревност и страст за проповедање на Евангелието.
Вера примена во семејството
Катери научи да се моли и да го фали Бога од својата мајка, која беше христијанка – рече Папата, истакнувајќи дека за многумина од нас семејството е местото каде што за прв пат нѐ запознале со Господ:
Евангелизацијата често започнува вака: со едноставни, мали гестови, како што прават родителите кои им помагаат на своите деца да научат да зборуваат со Бог во молитва и кои им кажуваат за неговата голема и милосрдна љубов. На овој начин беа поставени темелите на верата за Катери, а често и за нас. Ја добила од мајка и на дијалект, дијалект на верата.
Голема љубов кон крстот
Кога Катери имаше четири години, нејзиниот народ беше погоден од тешка епидемија на сипаници. Нејзините родители и помалиот брат починале, а самата Катери останала со лузни на лицето и проблеми со видот. Многу страдала поради болеста и загубата на семејството, но морала да се соочи и со недоразбирања, па дури и со смртни закани поради крштението. Сето тоа на Катери и даде голема љубов кон крстот, конечниот знак на Христовата љубов – рече Папата и нагласи:
Сведочењето на евангелието, имено, не го вклучува само она што е пријатно; мора да знаеме и трпеливо, со доверба и надеж да ги носиме нашите секојдневни крстови. Трпението, пред тешкотиите, пред крстовите: трпението е голема христијанска доблест. Кој нема трпение не е добар христијанин. Трпението на толеранција: толерирање на тешкотии и толерирање на другите, кои понекогаш се досадни или ви предизвикуваат тешкотии… Животот на Катери Текаквита ни покажува дека секој предизвик може да се надмине ако му ги отвориме срцата на Исус.
Пример за служење на Бог и на ближниот
По нејзиното крштевање, Катери мораше да се засолни меѓу Мохиканците во Исусовската мисија во близина на градот Монтреал. Таму, таа учествуваше секое утро на света Литургија, посветуваше време за обожавање пред Светата Евхаристија, молеше Света Бројаница и живееше покајнички живот. Сите беа воодушевени од нејзиното однесување кое ја покажуваше нејзината љубов кон Бога. Но, оваа млада жена се занимавала и со поучување на деца и грижа за болни и стари лица.
Катери даде пример за понизно служење на Бога и на ближниот со љубов. Верата секогаш се изразува со служење. Верата не е за да се шминкаме себе си, твојата душа: не; туку за служење.
Неподелено срце во посветување на Бога и ближниот
Иако ја поттикнувале да се омажи, Катери решила целосно да му го посвети животот на Христа и во 1679 година се заветувала на вечна девственост. Оваа одлука покажува уште еден аспект на апостолската ревност: целосно предавање на Господа – истакна Папата и продолжи:
Се разбира, не сите се повикани да дадат ист завет како Катери; но, секој христијанин е повикан секојдневно, со неподелено срце, да се ангажира во звањето и посланието што му е доверено од Бога, служејќи нему и на ближниот во духот на љубовта.
Секојдневна светост
Животот на Катери е уште едно сведоштво за тоа дека апостолската ревност подразбира единство со Исус, зајакната со молитвата и Светите Тајни и желбата да се шири убавината на христијанската порака живеејќи го сопствениот повик – рече Римскиот епископ. Последните зборови на Катери се многу убави. Пред да умре, таа рече: „Исусе, те сакам“ – додаде Папата и охрабри:
Да не заборавиме: секој од нас е повикан на светост, на секојдневна светост, на светоста на нашиот заеднички христијански живот. Секој од нас го има овој повик: да одиме напред по тој пат. Господ нема да не изневери.
Ватикан њуз/к.мк