Папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 10 ноември 2021 година ја заврши серијата катехези за Посланието до Галатјаните, истакнувајќи дека почесто треба да го повикуваме Светиот Дух во секојдневниот живот.
Говорејќи пред мноштвото верници присутни во салата на Павле VI, папата Фрањо забележа дека интуицијата на Павле ни помага да ја откриеме зачудувачката новост на објавата на Исус Христос. Апостолот бил вистински теолог кој размислувал за Христовото таинство и го пренесувал со својата креативна интелигенција. Свети Павле зборувал на различни начини на изгубената и збунета заедница. Понекогаш употребувал иронија, понекогаш цврстина или благост. Го откривал сопствениот авторитет како апостол, но не ги криел слабостите на неговиот карактер. Силата на Духот навистина била влезена во неговото срце, забележа Папата во катехезата, а средбата со воскреснатиот Христос го освоила и го преобразила неговиот живот. Целиот свој живот го посветува во служба на Евангелието.
Живот во слобода
Свети Павле, продолжи Папата, со голема страст ја бранел слободата која Христос ја донесе, па така и денес нѐ придвижува. Свети Павле бил убеден дека добил повик на кој само тој можел да одговори, сакал да им објасни на Галатјаните дека и тие се повикани на таа слобода, која ги ослободила од секое ропство и ги направила наследници на древното ветување, а преку Христос се станати и деца Божји. Тој бил свесен за ризиците што ги носи христијанската слобода, не ги омаловажувал последиците, истакна Светиот Отец. Храбро повторувал дека слободата во никој случај не е еднаква на разврат, ниту пак дека треба да води во дрска самодоволност. Напротив, Павле ја ставил слободата во прегратките на љубовта и своето доследно дејствување го засновал во служба на милосрдието. Целиот овој поглед, нагласи Папата, е поставен во рамките на панорамата на живот во склад со Светиот Дух.
Зборувајќи за искушението да се вратиме на ропството на гревот, Светиот Отец го истакна учењето на свети Павле, а тоа е дека исполнувањето на вистинскиот Закон е во живот на Духот што ни го даде Исус. Тој живот може да се живее само во слобода.
Разбудете ја својата вера
На крајот од овие катехези, заклучи Папата, кај нас можат да се појават два ефекта. Од една страна, тоа е ентузијазмот предизвикан од учењето на апостолот. Се чувствуваме охрабрени да го следиме патот на слободата. Од друга страна, стануваме свесни за нашите ограничувања, бидејќи секојдневно се соочуваме со тоа колку е тешко да се биде послушен на Духот, да се препуштиме на неговото благотворно дејствување. Потоа заморот го загушува ентузијазмот – се чувствуваме обесхрабрени, слаби, а понекогаш и маргинализирани во однос на световниот начин на живот.
Светиот Отец се осврна на свети Августин, кој нуди пример што да се прави во такви ситуации, врз основа на призорот од евангелијата кога се појавува бура среде море. Христовата вера во твоето срце е како Христос во тој кораб, вели свети Августин. Ти си уморен, тажен, а Христос спие. Разбуди го Христос, разбуди ја својата вера! Дури и во неволја, нешто може да се направи. Како што рече Папата, мораме да го разбудиме Христос во нашите срца и само тогаш ќе можеме да ги набљудуваме работите со неговите очи, бидејќи Тој гледа подалеку од бурата. Преку овој спокоен поглед можеме да видиме панорама што не можеме ни да ја замислиме.
Повикување на Светиот Дух: Дојди
На ова предизвикувачко, но неверојатно патување, Апостолот нè потсетува дека не смееме да си дозволиме замор кога станува збор за правење добро. Мораме да веруваме дека Духот секогаш доаѓа на помош на нашата слабост и ја дава потребната поддршка. Да научиме, повика Папата, почесто да го повикуваме Светиот Дух!
Молитвата кон Светиот Дух, продолжи Папата, е спонтана, таа треба да доаѓа од срце. Клучниот збор е дојди. Тоа мора да го кажете со свои зборови, поттикна Светиот Отец. Дојди затоа што сум во неволја, дојди затоа што не знам што да правам. Дојди – тоа е словото на Светиот Дух. Да научиме често да го повикуваме, поттикна Светиот Отец. Еден начин на кој можеме да го направиме тоа е преку молитвата што Црквата ја моли на Педесетница – Дојди, Пресвет Духу. Христијанската слобода ни помага да растеме. Оваа молитва ќе ни помогне да одиме во Духот, во слобода и радост, бидејќи кога ќе дојде Светиот Дух доаѓа вистинската радост, рече Папата, завршувајќи го циклусот катехези за Посланието до Галатјаните.
Ватикан њуз/к.мк