Генерална аудиенција во среда: Добриот татко знае да чека и да простува
Кога таткото ќе ја пренесе на децата животната мудрост, радоста е таа која ја надоместува секоја тешкотија, го надминува секое неразбирање и ја лекува секоја рана – е резимето од поуката на Светиот Отец од катехезата на Генералната аудиенција во среда 4 февруари, која се одржав во салата Павле VI. Папата рече дека денес сака да зборува за другиот дел од размислувањето за ликот на таткото во семејството. Минатиот пат зборував за татковците кои се „отсутни“ но денес за нив ќе зборувам само во позитивно светло.
И свети Јосиф бил во искушение да ја отпушти Марија кога дознал дека е бремена, но со посредство на Ангелот Господов кој му ја открил улогата на земски татко и Јосиф, човек праведен, ја прими жената своја (Мт 1, 24) и стана татко во Назаретското семејство… На секое семејство му треба татко. Денес ќе застанеме на неговата улога, а би тргнал од некои изрази кои се наоѓаат во книгата Мудри Соломонови Изреки, а кои таткото ги упатува на својот син: „Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува; ќе се радуваат и моите внатрешности, кога твојата уста говори право“ (Изреки 23,15-16). Не може подобро да се изрази гордоста и емоциите на таткото кој гледа дека на својот син му го пренел она што во животот е навистина важно, а тоа е мудроста на срцето. Таткото не вели: Горд сум на тебе, бидејќи си токму како мене, ги повторуваш работите кои јас сум ги кажал и направил. Не, му кажува нешто многу поважно што можеме да го сфатиме како: Секој пат кога гледам дека делуваш мудро ќе бидам среќен; а трогнат секој пат кога ќе слушнам дека исправно зборуваш.
Тоа е она што сакав да ти го оставам, за да стане твое: начинот на чувствување и делување, да зборуваш и проценуваш мудро и исправно. А за да станеш таков те поучував за работи кои не си ги познавал, ги исправував грешките кои не си ги гледал. Направив во себе да почувствуваш нешто длабоко, а истовремено и дискретно, што можеби сосема не си забележал кога си бил млад и несигурен. Ти го дадов сведоштвото на строгост и сигурност што можеби не си го сфаќал кога можеби си очекувал само поддршка и заштита. Јас требаше прв да го поминам испитот на мудроста на срцето и да бдеам на спротивните чувства за да го поднесам товарот на неизбежни недоразбирања и да ги пронајдам вистинските зборови за ти да ме разбереш. Сега – продолжува таткото – кога гледам дека и ти самиот сакаш да делуваш така кон своите деца и кон сите – трогнат сум. Среќен сум што сум ти татко… Така зборува мудриот и зрел татко – додаде папата Фрањо.
Знае таткото добро колку чини пренесувањето на ова наследство: колку близина, колку благост и сигурност треба да се вложи! Но, голема е утехата и платата кои се примат кога децата знаат да го ценат ова наследство! Радоста е таа која ја надоместува секоја тешкотија, го надминува секое недоразбирање и ја лекува секоја рана – истакна Папата.
Првата неопходност е: присуството на таткото во семејствата. Да биде близу до сопругата и со неа да дели сè: и радоста и болката; и тешкотијата и надежта. Да биде близу до децата во нивното растење: кога си играат и кога се зафатени; кога се безгрижни и кога се со болка; кога отворено се изразуваат и кога молчат; кога се храбри и кога се повлечени; кога прават погрешен чекор и кога се враќаат на вистинскиот пат; таткото секогаш треба да биде тука – нагласи Светиот Отец. Велам присутен не велам контролор, бидејќи татковците кои строго ги следат своите деца ги поништуват и не им дозволуваат да растат.
Папата потоа се надоврза на евангелската слика на милосрдниот татко од Евангелието по Лука кај кого – како што вели – наоѓаме толку достоинство и нежност кој го очекува враќањето на синот. Татковците треба да бидат трпеливи – рече Папата – често нема што друго да се прави; туку да се чека; да се моли и да се чека; трпеливо и нежно; великодушно и милосрдно.
Добриот татко знае да чека и знае да прости од срце. Секако дека знае и одлучно да исправи. Не е сентиментален и слаб, туку знае да исправи, но, така што да не нажали како што знае и да заштити, а себе си да не се штеди. Без милостите на Отецот на небесата татковците ја губат храброста и го напуштат своето место. Сепак на децата им требаат татковци кои ги чекаат да се вратат од погрешниот пат. Сè ќе направат како да не е така, да не се гледа, но имаат потреба за татко и ако не го најдат тоа во нив создава рана која е тешко да не ја видиш – смета папата Фрањо.
Црквата нашата мајка е зафатена со сите сили во поддржувањето на доброто и великодушното присуство на татковците во семејствата ,бидејќи за новите генерации тие се незаменливи чувари и посредници за верата и добрината; верата во праведноста и Божјата заштита како што тоа бил и свети Јосиф – рече Папата.
РВ/Д.И.