На генералната аудиенција Папата се осврна на најзначајните моменти од Апостолското патување во Бахреин, сумирајќи ги во три збора: дијалог, средба и одење. Тој повторно ги спомена бројните војни кои се водат во светот и потенцираше дека е многу потребно да се сретнеме, бидејќи конфликтите не се решаваат со логика на оружје.
Дијалог, средба, одење – ова се трите зборови кои папата Фрањо ги истакна во катехезата на Генералната аудиенција во среда 9 ноември 2022 година, три дена по враќањето од Апостолското патување во кое го посети Бахреин, посветувајќи ја токму на тоа патување. Меѓутоа, се случи нешто неочекувано: две деца му пријдоа на Папата и останаа со него извесно време. Светиот Отец ја искористи таа ситуација и зборуваше како да се воспостави врска со Бога.
Пред да кажам за она што го имам подготвено, би сакал да свртам внимание на овие две деца кои дојдоа овде. Не бараа дозвола, не рекоа „се плашам“; дојдоа директно. Вака треба да постапуваме со Бога: директно. Ни дадоа пример како треба да се однесуваме со Бога, со Господа: оди напред!. Тој секогаш нѐ чека. Мило ми беше што ја видов довербата на тие две деца: тоа е пример за сите нас. Така секогаш треба да му пристапиме на Господа: слободно.
Дијалогот го открива богатството на другиот
Спонтано се наметнува прашањето: зошто Папата сакаше да ја посети таа мала земја со многу големо муслиманско мнозинство? – рече Светиот Отец, додавајќи дека повод за патувањето во Бахреин е учеството на Форумот за дијалог меѓу Истокот и Западот. Дијалог кој служи за откривање на богатството на оние кои припаѓаат на други народи, други традиции, други религии. А кој е кислородот на мирот – истакна римскиот епископ, спомнувајќи го Вториот ватикански собор, кој зборува и за мирот, во пастоалната конституција Gaudium et Spes, каде се истакнува дека мирот бара [луѓето] да го рашират својот ум и срце надвор од границите на сопствената држава, напуштајќи го националниот егоизам и алчноста за превласт над другите народи и да негуваат длабока почит кон целото човештво.
Во Бахреин, ја почувствував оваа потреба и изразив надеж дека, ширум светот, верските и граѓанските лидери ќе знаат како да гледаат надвор од нивните граници, нивните заедници, за да се грижат за целината. Само така можеме да се соочиме со одредени општи теми, како што се, на пример, заборавот на Бога, трагедијата на гладот, заштитата на создадениот свет, мирот. Во оваа смисла, Форумот за дијалог, насловен „Исток и Запад за човечки соживот“, нѐ поттикна да го избереме патот на средбата и да го отфрлиме патот на конфликтот.
Конфликтите не се решаваат со војна
Многу ни е потребна меѓусебна средба! – истакна римскиот бискуп и спомна бројни војни што се водат во светот, а пред се безумната, безумната – повтори Папата – војна чија жртва е напатената Украина. Тоа се конфликти кои никогаш нема да се решат со детинестата логика на оружјето, туку само со нежната моќ на дијалогот – рече Папата и додаде: Да помислиме на војните [кои траат] со години и да се потсетиме на Сирија – повеќе од десет години. ! – (…) да помислиме на децата во Јемен, да помислиме на Мјанмар, насекаде! Сега Украина е поблиску, а што прават војните? Уништуваат, го уништуваат човечкиот род, уништуваат сè. Конфликтите не се решаваат со војна.
Без средба нема дијалог
Дијалогот претпоставува средба, затоа папата Фрањо потсети дека во Бахреин повеќе пати ја почувствувал желбата христијаните и муслиманите да се сретнуваат повеќе, да воспостават поцврсти односи, едни други повеќе да се прифаќаат во срцата.
Без прифаќање, дијалогот останува празен, привиден, останува прашање на идеи, а не на реалност. Од многуте средби, во мислите ми се повторуваат онаа со мојот драг брат, големиот имам на Ал-Азхар, мојот драг брат – повтори Папата – како и онаа со младите во училиштето Пресвето Срце, учениците кои ни дадоа одлична лекција: учат заедно, христијани и муслимани. Треба да се запознаат уште како млади, како деца, па така братската средба ќе ги спречи идеолошките поделби.
Етапа од патот кој го започна Иван Павле II.
Папата Фрањо потоа посочи дека неговото патување во Бахреин не треба да се гледа како изолирана епизода, туку дека на тој начин го продолжува процесот на зближување што го иницира свети Иван Павле II. кога го посети Мароко.
Така, првата посета на еден Папа на Бахреин е уште еден чекор на патот на христијанските и муслиманските верници: не за да нè збуни или за да се разводни верата; не, бидејќи дијалогот не разводнува; но за да се воспостават братски сојузи во име на отецот Авраам кој беше ходочасник на земјата под милосрдниот поглед на единиот небесен Бог, Богот на мирот. Затоа мотото на патувањето беше: „Мир на земјата и луѓето со добра волја“.
Проширување на хоризонтите – повик до сите
Дијалогот, средбата и патувањето во Бахреин, освен меѓу муслиманите, се одвиваше и меѓу христијаните – како што рече Светиот Отец – со присуство на драгиот патријарх и брат Вартоломеј и браќа и сестри од различни вери и обреди. Браќата и сестрите по вера што ги сретнав во Бахреин навистина живеат „во одење“: повеќето од нив се работници имигранти кои далеку од дома наоѓаат семејство во големото семејство на Црквата – рече Папата и ги упати мислите кон католиците од таа земја, како и другите од заливските земји, со кои се сретна на светата Литургија, која се служеше на стадионот. Катехезата ја заврши со поттик што произлегува токму од нивниот пример.
Денес сакам да ви ја пренесам нивната вистинска, едноставна и убава радост. Сретнувајќи се и молејќи се заедно, се чувствувавме како едно срце и една душа. Размислувајќи за нивното патување, нивното секојдневно искуство на дијалог, сите ние се чувствуваме повикани да ги прошириме нашите хоризонти (…) Да ги прошириме нашите хоризонти, да се отвориме, да се заинтересираме повеќе и да се посветиме на запознавање со другите. Ако се посветиш на запознавањето на другите, никогаш нема да бидеш загрозен. Но, ако се плашиш од другите, ти самиот ќе бидеш закана за нив. На патот на братството и мирот, за да напредува, му требаат сите и сѐ – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк