Во Скопје се служеше благодарна Миса за канонизацијата на Иван Павле II

Во недела 4 мај 2014 година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, скопскиот парох дон Давор Топиќ служеше благодарна Миса по повод прогласувањето за свет на Иван Павле II, а по инициијатива на Полската заедница во Македонија.

На почетокот од литургиското славење парохот ги пренесе поздравните зборови на Скопскиот бискуп и Апостолоски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов, кој поради погребението во Радово на својот татко Илија не можеше да го предводи ова евхаристиско славење.

На оваа благодарна Миса сослужуваше и полскиот воен капелан, кој дојде со војници од КФОР на Косово и кои за време на светата Литургија стоеја покрај сликата на светиот Иван Павле II. За време на Служба на Словото, мисното читање беше прочитано на полски јазик.

Во пригодната проповед парохот рече: „Кога и вечерва би имал можност со својот глас да ни се обрати Иван Павле II, верувам дека ќе ни каже како што рече и на почетокот на својот понтификат да ги отвориме вратите на своето срце за Христос и да не се плашиме да бидеме свети. Свети Иван Павле II со својот живот пишуваше историја на љубов и светост, а сето тоа произлегуваше од длабоката средба со Христос и на тој начин можеше да ни остави силно сведоштво на вера и прекрасен животен од со Бог. Дозволи во неговата животна историја да потонува во Божјата љубов, која го направи свет. Поради тоа да бидеме наследници на овој голем папа, за да може секој од нас со својот живот да остави порака на светост на што сме повикани“.

На благодарната Миса меѓу останатите беше и полскиот амбасадор во Република Македонија Јацек Мултановски, како и претседателката на полската заедница во Македонија, г-ѓа Тереза Шаурек. За време на Мисата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова.

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот