Во скопската катедрала бискупот Стојанов служеше Воскресна света Литургија

Во скопската катедрала бискупот Стојанов служеше Воскресна света Литургија

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во сабота вечер, 19 април 2025 година служеше воскресна света Литургија во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Со него сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, декан, ректор на Светилиштето во Паљурци и директор на Македонски Каритас отец д-р Зоран И Стојанов и катедралниот капелан Томислав Рукавина.

На светата воскресна литургија покрај верниот присуствуваа директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и бројни луѓе од дипломатскиот кор и јавниот културен и општествен живот. За време на Литургијата пееше Катедралниот хор под водство на Јулија Неловска, а на оргулите свиреше Филип Костов.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, палење на воскресната свеќа и внесување во катедралата со пеењето на пасхалната химна Exsultet, со која се прогласува Христовото воскресение.

Во својата проповед бискупот Стојанов се осврна на Јубилејната 2025 година, а потоа се осврна на празнување на празникот Воскресение Христово во ист ден на Исток и Запад, при што се задржа на обраќањето на папата Фрањо за време на екуменската служба на 25 јануари 2025 година во базиликата Свети Павле во Рим, каде тој рече дека ова треба да го сфатиме како повик да направиме решителен чекор кон единство во врска со заедничкиот датум за Велигден и додаде дека Велигден не се случува по наша иницијатива, ниту според овој или оној календар, туку затоа што Бог „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Бог е тој што има првенство. Тој го направи првиот чекор и затоа не треба да се затвораме во нашите шеми, нашите проекти, нашите календари, во „нашиот“ и „ваш“ Велигден. Велигден му припаѓа на Христос! „Католичката црква е подготвена да прифати датум за кој сите се согласуваат“. Оваа Јубилејна година се совпаѓа со 1700-годишнината од Соборот во Никеја (325), чиј симбол на верата „ги надминува сите поделби што го делеле Телото Христово низ вековите. Да ги откриеме повторно заедничките корени на верата, да го зачуваме единството“, бидејќи оваа годишнина не е само историски спомен на Никејскиот собор, туку и обврска за денешните христијани – рече бискупот Стојанов.

Во продолжение на неговата проповед бискупот Стојанов зборуваше за Воскресението Христово кое веќе се случи во историјата. Исус Христос воскресна од мртвите. Исто така, исповедаме дека Богородица, Пресвета Дева Марија, со телото и душата е вознесена на небото. За сите други кои умреле, веруваме дека ќе воскреснат. Некому може да му се чини дека овој дел од исповедањето на нашата вера ја нарушува нејзината историчност, бидејќи зборува за иден карактер во воскресението. Но, историјата ни е незамислива без иднина. Животот на земјата се живее со надеж за вечен живот. На човекот му е потребна оваа перспектива, бидејќи стравот од иднината ја задушува радоста на живеењето во сегашноста. Ова важи и за животот со Бога. Сојузот чиј хоризонт не се протега надвор од земната реалност не ни нуди никаква перспектива. А човекот сака да знае дали неговата иднина е обезбедена во Бога.

Овде самиот Бог одговара на нашите прашања, а неговиот одговор првично не влијае на нашиот разум, туку се состои во верата во воскресението на новиот Адам, а со тоа и во почетокот на новото создание. Нова иднина се отвори за човекот во воскресението на Исус, бидејќи Христос воскресна од мртвите како „прв плод на оние што се упокоиле“.

Проповедта ја заврши со зборовите: Навистина, како верници, имаме причина да се радуваме. Затоа, да бидеме вистински сведоци на воскреснатиот Господ, наша надеж. На сите им посакувам честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот