Молитва за посвета на верниците од Апостолскиот егзархат на Пречистото Срце Мариино

Пречиста Дева и Мајко наша Маријо, еве не во Катедралната црква, Мајка на сите Цркви во Апостолскиот егзархат, еве не пред Твојот лик. Сакаме потполно да се посветиме на Твоето Безгрешно Срце. Срце кое го избра Бог за свое постојано живеалиште. Срце од кое е роден Исус Христос нашиот Господ, а Твој Син – единствен Спасител на светот.

Пресвета Дева и Мајко, ти се посветуваме самите, но и сите свои. Прими не под моќната заштита и скрбта на твоето Мајчинско Срце. Ти ги посветуваме нашите свештеници. Мајко на Големиот Свештеник ти чувај ги, води ги и управувај со твојата Мајчинска грижа и љубов. Благослови ја нивната работа и не допушти наследството што Твојот Син го стекна на Крстот да страда заради нашите слабости.

Ти ги посветуваме сите на Бога посветени лица во нашиот Апостолски Егзархат. Научи ги на предано и тивко служење на Исус Христос како ти – Безгрешна Мајко го љубеше и  Му служеше. Ти ги посветуваме сите наши семејства. Погледни о, Мајко, на какви сè тешкотии и искушенија се изложени семејствата во современото општество. Чувај го во нашите домови Духот на Назаретското семејство. Ти, чуварка на семејното огниште штити ги нашите семејства да околу Твоето Мајчинско срце се собираат на дневна молитва и прибегнуваат под Твојот заговор во секоја прилика на својот живот.

Ти ги посветуваме нашите млади, момци и девојки. Ти, Мајко, гледаш колку многу загосподари светскиот дух и моралната криза кај младите. Ти, Безгрешна Мајко, чувај им чисто срце за вистинска и херојска љубов и како млади да напредуваат во милоста и крепоста и да можат во свое време да ја преземат одговорноста  во животот за својот народ.

Ти ги посветуваме децата. Твојот Син посебно ги љубеше малите и им вети Небесно Царство. Заговарај ги во нивното созревање да останат деца Божји.

Мајко на болните, храбра Жено под Крстот, ти ги посветуваме сите возрасни, болни и немоќни. Ти, која до крај ја испи чашата на горчината биди им Утешителка на тажните, здравје на болните и помогни им на возрасните, болните и напуштените да го прифатат своето страдание како сооткупителски чин со Тебе соединети за процут на верскиот живот во нашиот Егзархат.

Мајко на единството, ти ги посветуваме сите христијански браќа и сестри на другите христијански цркви води нѐ на заедничкиот пат во сведочењето на вистината, правдата, љубовта и мирот.

Ти ги посветуваме сите тие кои веруваат во Бога и сите тие кои се добронамерни и чесни да заедно градиме подобар и поправеден свет во кој ќе господари правда и вистина.

Конечно, благослови не сите нас и прими ја оваа посвета да чувствуваме и во иднина сигурност на Твојот Мајчински заговор и да можеме да го извршиме тоа послание што ни го доверува Божјата провидност.

Твои сме, Твои сакаме да бидеме сега и во векови. Амин.

Категорија: Македонија

За авторот