Во Ватикан организирана средба за проблемите со трговијата со луѓе
Трговијата со луѓе и современото ропство, како и план за делување со цел нивно разбивање – тие два аспекти се во средиште на дводневната конференција која се одржува во Ватикан од 2 – 3 ноември, на поттик на Папската академија на општествени науки и Меѓународниот сојуз на католички лекарски здруженија (FAIMC).
Меѓународната организација за работа проценува дека во периодот од 2001 – 2010 година имало околу 21 милион жртви на присилна работа, сфатено и како сексуално искористување. Секоја година, имено, околу два милиони лица стануваат жртви на трговијата со луѓе поради сексуално искористување, од кои 60% се девојки, додека трговијата со човечки органи достигнува скоро 11% од целокупниот број, што значи дека околу 20.000 лица станале жртви на измама со која на некој начин незаконски им е отстранет некој орган – црн дроб, бубрег, панкреас, рожница, бели дробови, па дури и срце. Сето тоа, меѓутоа, не било можно да се направи без соучество на лекари, болничари и друг медицински персонал.
Осврнувајќи се во разговорот за Радио Ватикан на тие ужасни податоци, како и на идејата за одржување на спомнатата средба, епископот Марчело Санчез Сорондо, канцелар на Папската академија на општествени науки, истакна дека поттикот дојде од Светиот Отец кој веќе бил запознат со тие проблеми.
Одговарајќи на нашата благодарност за аудиенцијата во која ги прими членовите на академијата, набрзо после неговиот избор, Папата изрази желба да се проучи проблемот за новите облици на ропство и трговијата со луѓе, вклучувајќи го и проблемот со продавање на органи – рече епископот. Така академијата започна да работи. Меѓутоа, сфативме дека е неопходно да се вклучат и лекарите, па така ги повикавме католичките лекари, а потоа и Академијата за наука.
Напомнувајќи дека појавата на трговија со луѓе, односно современото ропство, се проучува од сите аспекти, епископот истакна дека сака да се разбере вистинската раширеност на таа појава, со што поточни податоци. Освен тоа – додаде – сака да се постигне заедничка замисла во Црквата, во Епископските конференции, бидејќи мислам дека Црквата во целина не е доволно свесна за тој проблем.
На новинарската забелешка дека во коренот на трговијата со луѓе е крајното сиромаштво, војните, внатрешните конфликти и дека еден дел од светот тоа го искористува, епископот Санчез Сорондо напомна дека има земји во кои законите водат двојна игра; од една страна го истакнуваат човечкиот живот, а од друга страна нивните установи не сакаат да го видат тој проблем, или дури го поддржуваат. Тука епископот ги спомна случувањата во Босна и Херцеговина, каде некои Американци, и не само Американци, биле вклучени во трговија со жени правејќи ги робинки. Кога една американска државјанка ги пријавила, поради тоа добила отказ во Обединетите нации – рече епископот.
Поради тоа сметавме дека е потребно да ги вклучиме и лекарите – напомна епископот – бидејќи и тие се компромитирани, а установите кои би требало да дадат заштита, всушност се најкомпромитирани. Освен тоа, има земји кои проституцијата ја признаваат како работа, а на тој начин и тие создаваат пазар за трговија со луѓе. На пример во Германија, меѓутоа и во други северни земји, тоа е многу голем проблем – истакна епископот, па додаде дека во тие случаи таквите држави, од една страна велат дека треба да се интервенира, додека од друга страна на тоа заработуваат. Во таа смисла Папата, уште додека беше архиепископ, веќе го претчувствува тој многу голем општествен проблем. Ние пак бевме погодени од тоа што не сме го сфатиле порано – истакна канцеларот на Папската академија на општествени науки.
Извор РВ / С.С.