Во Бразил отворена „Кампања за братство“
Не можеме да останеме рамнодушни пред трговијата со луѓе – истакна папата Фрањо во пораката за традиционалната „Кампања за братство“, која што Бразилската бискупска конференција службено ја отвора на 5 март на Пепелница во главниот град Бразил. Темата на кампања оваа година е посветена на „Братството и трговијата со човечки битија“, со мотото „Христос нѐ ослободи за да можеме да бидеме слободни.“
Човечкото достоинство е еднакво за сите човечки битија – напомена Папата и истакна дека газејќи го достоинството на другите луѓе, истовремено си го газиме сопственото достоинство. Ако го повредам човечкото достоинство на другиот тоа го правам затоа што пред тоа сум го распродал своето достоинство, заради моќ, слава, материјални добра и тоа во замена – како што објасни Светиот Отец – за достоинството на дете Божјо спасено по цена на крвата Христова на Крстот и загарантирано со Светиот Дух.
Не е можно да останеш рамнодушен кога се знае дека постојат човечки битија кои се купуваат и продаваат како добра – напомена Папата, говорејќи за трговијата со луѓе, тема на која повеќе пати се осврнува и тука го спомна посвојувањето на деца со цел за земање на нивните органи, потоа измамени жени кои се присилуваат на проституција, експлоатираните работници без никакви права, па и без право на глас.
Меѓутоа Папата своите мисли ги насочи и кон семејствата, во нивните домови. Колку пати и таму владее сила: – е размислување на Светиот Отец – родители кои од децата прават робови или пак деца кои родителите ги прават робови; сопружници кои, заборавајќи на својот повик на дарот на женидба се искористуваат како да се потрошни производи за еднократна употреба; или пак старите луѓе кои немаат свое место во општеството и деца и млади без право на глас. Станува збор за напади на темелните вредности на семејното ткиво и на самиот општествен живот – забележа Светиот Отец.
Затоа потребно е темелен испит на совеста затоа што човечкото битие никогаш не би смеело да се продава и купува како добра – спомна Папата потсетувајќи на зборовите од говорот пред амбасадорите кој го одржа во декември минатата година. Како тогаш може да се навестува радоста на Воскресението, без солидарност кон оние кои на ова земја им е скратена нивната слобода? – праша папата Фрањо.
Спомнувајќи го своето патување во Бразил минатата година по повод Светскиот ден на млади од кое што го памети – како што спомна – „големото срце“ на саканиот бразилски народ и нивниот срдечен дочек, Светиот Отец потсети дека Исус Христос со својата мака, смрт и Воскресение го ослободи човечкиот род од смртта и гревот. Во текот на следните четириесет дена да настојуваме да бидеме свесни на бесконечното милосрдие кое Бог ни го дарува и побара да го даруваме на другите, а посебно на оние кои се најмногу во потреба – спомна Папата во пораката.
Уште во јули минатата година по повод Светскиот ден на млади, Светиот Отец ја истакна „лекцијата на солидарност“ која ја даде бразилскиот народ; а сега посакува христијаните и луѓето со добра волја да се заземаат, за било кој маж или жена, млади или деца, никогаш повеќе да не бидат жртви на трговијата со човечки битија. А најделотворен темел за обнова на човечкото достоинство е навестување на Христовото Евангелие по селата и градовите затоа што Исус сака животот да го постави насекаде, и тоа изобилно – истакна папата Фрањо и за целиот бразилски народ повика заштита од Севишниот за новиот живот во Христос во секое срце нека разбуди чувство на нежност и сочувство кон нашите браќа и сестри на кои им е потребна слобода.
РВ/Д.И.