По повод првата годишната од историската Апостолска посета на папата Фрањо на Македонија, Католичката црква во четврток 7 мај 2020 година со почеток во 11.00 часот организира онлајн видео конференција, на која покрај домаќинот монс. д-р Киро Стојанов свое обраќање ќе има Апостолскиот нунциј за Република Македонија, монс. Анселмо Гвидо Пекорари, кардинал Винко Пуљиќ, поранешниот претседател на Македонија г-дин Ѓорге Иванов, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, г-дин Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања г-дин Виктор Димовски, поранешен Државен секретар во МНР, г-дин Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и други видни личности од земјата и регионот, а ќе бидат воспоставени линкови со Скопје, Сараево, Софија, Белград, Загреб и други градови од земјата и од регионот.
Целта на оваа видео конференција е да се оживеат историските моменти од Апостолската посета на нашата земја. Учесниците ќе имаат можност да ги изнесат своите впечатоци и што беше она што никогаш нема да го заборават, како и што е она што трајно ќе остане запаметено во Црквата и во општеството.
Видео конференцијата може да се следи на Youtube каналот Radio Marija MK.