Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија (ВИДЕО)
Божиќна честитка на д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, по повод големиот христијански празник Рождество Христово!
Слава на Бога во висините а на земјата мир меѓу луѓето, миленици Божји!
Драги браќа и сестри – и овој Божик не собра во заедништво, и семејно и општествено, за поубаво и содржајно да ја прославиме радоста на оној настан кој се случи во Витлеем и ја раздели нашата историја на стара и нова ера. Навистина, со раѓањето на Исус Христос започна нова ера на човештвото во која Бог стана човек за човекот да биде повикан на достоинство, синови и ќерки Божји. Ова време на релативизам кога се чини дека сите вредности се наоѓаат во некаква магла, па дури и самиот наш живот е завиткан во магла, понекогаш и темнина, јасно се слуша молбата на нашите современици, молбата за спасение. Бидејќи, многу вредности на кои почива нашата цивилизација се разнишани и се доведува во прашање и самиот опстанок на оваа и таква цивилизација. Решение се нуди од разни фактори и на разни начини. Сè повеќе чувствуваме, дека секое ветување е без содржајно и остануваме уште повеќе во магла и настапува еден индивидуализам, затворање во себе и отуѓување од другите.
Божик ни ја разбива темната слика на реалноста која не опкружува и ни дава јасен одговор и повик на надеж за се она што е подобро и исправно. Најнапред човек со божикниот настан е повикан да го прифати Божјиот предизвик и повик: Човече ти си Божји миленик! Сè може да закаже, сè може да заведе, сè може да биде измамено но Бог не може ниту да мами ниту да биде измамен. Бог е вистина. Во таа вистина Тој порачува: вие сте мои миленици. Денес се радуваме на таа вистина дека Тој неизмерно не сака и не следи, дека е Бог со нас – Емануел. Тој ветува мир на луѓето кои се со добра волја. Мирот ниту е надмоќ ниту мирување на оружјето. Мирот започнува во срцето на човекот. Мирот е плод на чиста совест во однос на Бога и човекот. Нека е Слава на Бога во висините а на земјата мир меѓу луѓето. Кој е повикан тоа да го исполни? Повикан е секој човек со добра волја и повикан е пред сè секој христијанин кој препознава во Христос и неговото раѓање исполнување на Божјото ветување дека Христос е нашиот мир.
Браќа и сестри, го честитам Божик на сите луѓе со добра волја, а пред сè на верниците на нашата Црква: бидете радосни исполнети со љубов кон Бога и кон себе и бидете носители на надежта и сведоци на вистината дека сме повикани да бидеме, браќа и сестри, миленици Божји. Нека е, Слава на Бога во висините, а меѓу нас на земјата мир, бидејќи сме миленици Негови. Христос се роди!
к.мк
За авторот
Слични написи
Епископот Стојанов служеше Света Литургија по повод 135 години од основањето на Сестрите Евхаристинки

