Во Гевгелија прославен празникот на светите апостоли Петар и Павле

Во Гевгелија прославен празникот на светите апостоли Петар и Павле

На празникот на светите врховни апостоли Петар и Павле, во недела, 12 јули 2026 година, по повод патрониот празник на парохиската црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, служеше света архиерејска Литургија.

Со епископот Стојанов сослужуваа протојереј ставрофор о. д-р Зоран И. Стојанов – ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор о. Тома Ангелов – парох во Богданци, и о. Ристо Самарџиски – парох во Гевгелија, а ѓаконираше ѓаконот Спасе Спасов.

На светата Литургија присуствуваа сестри Евхаристинки, како и голем број верници од парохијата.

На почетокот од проповедта, епископот Стојанов упати честитки до парохот о. Ристо Самарџиски, до сестрите Евхаристинки, на чело со провинцијалната настојателка с. Бернардина, до верниците и до сите што го носат името на светите апостоли Петар и Павле. Тој изрази благодарност и до сите што се погрижија храмот да биде украсен и подготвен за празникот.

Во својата проповед, епископот Стојанов се осврна на евангелскиот настан во кој Христос ги прашува учениците што велат луѓето за Него. Тој нагласи дека Исус не го поставува ова прашање затоа што Му било потребно човечко мислење, туку за да ги воведе учениците во подлабоко разбирање на Неговата личност и мисија.

Епископот истакна дека современиот човек е преплавен со информации, мислења и полувистини, но често останува далеку од вистината што го ослободува. „Не можеме да го следиме Христос со еден куп туѓи мислења за Него“, нагласи тој, потсетувајќи дека вистинската вера не се темели на човечка проценка, туку на Божјо вдахновение. Токму затоа Христос му вели на Петар: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.“

Во продолжение, епископот Стојанов потсети дека свети Петар, преку својата исповед на Христовото Божество, станал карпа врз која Христос ја изградил својата Црква. Во тој контекст, тој се осврна и на улогата на Римскиот папа како Христов намесник и наследник на апостолот Петар, кој и денес е повикан да ја сведочи вистината, да повикува на мир и да биде глас на Евангелието во светот.

Говорејќи за свети Павле, епископот го нарече апостол на народите и прв навестител на Евангелието во Македонија. Тој потсети на зборовите на апостолот Павле дека се фали со своите слабости, за во него да се всели силата Христова. „Кога сум слаб, тогаш сум силен“, се зборови што, според епископот, откриваат дека вистинската сила на христијанинот доаѓа од Христос.

Епископот ги повика верниците да останат цврсти во верата, скромни како апостолите, но силни во духот на вистината. Тој нагласи дека денес, кога луѓето се преплавени со вести, ставови и различни влијанија, христијаните се повикани да ја бараат вистината во Бога, да останат верни на Црквата и да ја сведочат верата со својот живот.

Свеченоста продолжи со Молебен во црквата во изградба „Свети апостол Павле“ во Паљурци, а заврши со агапе подготвено од сестрите Евхаристинки од Гевгелија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот