„За да го пронајдеме Бога потребно е да го бараме, бидејќи е сокриен: и откако ќе го пронајдеме, треба да го бараме уште повеќе, бидејќи е неизмерно Голем“. Овој прекрасен израз на свети Августин ќе не придружува во оваа Предвелигденска Тродневница, како патоказ низ планинска патека. Верувам дека, на денешниот човек му недостасува токму оваа димензија во потрагата на Бога: самодоволноста го маргинализира Бога од животот како најлошо нешто од сите прогонства.
Значи, еве вечерва нашиот сокриен Бог се манифестира во два возвишени и неочекувани гестови.
Најпрво, она кое ние го нарекуваме Евхаристија. Сокриен во храната, во заедничкото јадење од кое ние христијаните го изгубивме значењето. Сити од сѐ, не чувствуваме повеќе глад и жед за Него. Евхаристијата со Литургијата е помешана. Тие не се едно исто! Со обичаите од Литургијата ние го ослабивме значењето на дарот кој ни се дава преку Евхаристијата. Со изговорот дека треба да одиме на Литургија, заборавивме дека Евхаристијата е Божјиот повик, местото во кое кој го бара го наоѓа бидејќи Тој, сокриениот, одлучил да биде пронајден таму.
Вечерва ние го славиме, така да се рече, почетокот на светата Литургија, да учествуваме директно на светата Евхаристија. Што прави Исус, во продолжението на својата смрт и на своето Воскресение? Сите свои ги собира на вечера и, во знакот на лебот и виното, неговото тело и неговата крв, самиот себе се нуди за јадење. Оваа вечера е Евхаристија, бидејќи Исус, неколку часа подоцна, ќе го реализира овој знак во смртта на крстот, во дарувањето на неговиот живот. но овој знак ни е даден за да го славиме во иднина токму како сеќавање на оној дар и како пример за наследување: „Правете го ова на мое сеќавање“. Да се прави „ова“ не е само еден ритуал, туку еден начин на живеење. Исус сака да ни каже: повторувајте го овој симболичен гест и во реалноста правете го ова што тој симболизира, вие бидете денес прекршениот леб и пролеаното вино, вие бидете денес она што беше моето тело на крстот. Како ли успеваме да ја ставиме било која друга работа – работата, семејството, забавата, спортот – пред Евхаристијата или дури пак на местото на Евхаристијата. Тоа денес се случива. И ќе се случува доколку не ја ставиме важноста на Евхаристијата пред Литургијата, доколку не се погрижиме попрво за животот отколку за обичаите. Од овој аспект на животот вистина е дека овде се слави само Литургијата, бидејќи Евхаристијата се живее на повозвишено место, во нашите семејства посветувајќи поубедена љубов помеѓу брачните другари и помеѓу родителите и децата. Литургијата – било таа да е долга или кратка – има ограничено времетраење. Евхаристијата навлегува во времетраењето на животот, таа станува дел од животот, и повторно го сокрива Божјото присуство во конкретната и секојдневна љубов.
А еве го и вториот знак во кој вечерва Бог се манифестира и дозволува да го пронајдеме. Тоа не е повеќе еден навестувачки гест како евхаристискиот леб и вино, но овој е реален гест на служењето, во кој насобраната нечистотија на нозете завршува во водата од садот останувајќи како прилепена за рацете кои мијат и прочистуваат. Гестот за миење на нозете ја искажува автентичноста на љубовта и во извесна смисла ја потврдува. Исус, во оваа последна вечер од својот земски живот, сака да биде учител на една љубов која не се ограничува на едно „те сакам“ искажани со уста и која не е дури ниту суштината за ласкање на срцето. Но, Тој сака да не научи на една љубов која коленичи на колена, љубов која се мери кога на другиот нозете му се нечисти и да се спуштиш ничкум во гест на возвишено служење. Да не се уплашиме ако една таква љубов ни прави проблеми. Не ја разбраа ниту неговите ученици, па Петар на тоа дури и се спротивстави. Не дозволи да му се измијат нозете, бидејќи веруваше дека го љуби Исуса и не чувствуваше никква потреба од овој гест, не беше доволно понизен за да дозволи да биде услужен од неговиот Учител. Да дозволиме да бидеме сакани е потешко отколку да сакаме… Исус е Господ и Господ не ги мие нозете на своите ученици! Значи, еве го сокриениот Бог кој се открива, кој дозволува да се пронајде, и дозволува да биде пронајден од нас во еден неочекуван гест, кој генерира нова слика за Бог: „Да, Јас сум Господ, но Господ е само Оној кој служи, да се направиш слуга тоа е слобода“. Служењето е продолжување на Евхаристијата во секојдневниот живот, тоа е неговото реализирање во телото. Најдобар начин да се живее Литургијата е да се служи и да дозволиш да ти се служи, да се љуби и да дозволиш да бидеш љубен. Може да замислиме колку поубави би биле нашите семејства, кога би бил посмирен животот на брачните двојки и односот помеѓу родителите и децата, доколку тоа би бил навистина законот кој би управувал: „Љуби и дозволи да бидеш љубен, стави се во служба и дозволи да ти се измијат нозете“.
Агостино Клеричи/З.А.
Таг: Велики Четврток ден на Евхаристијата и Служењето
Клучни зборови: Велики Четврток, Евхаристија, Служење