Со Мото Проприо, кое се однесува на фондации основани во рамките на куриските институции, кои досега уживаа одредена административна автономија, Папата ги стави под контрола на економските тела на Римската курија. Новите прописи важат и за институции со седиште во Градот Ватикан
Верниот во малку и во многу е верен се зборови од 16-то поглавје од Евангелието според Лука кои папата Фрањо ги цитира во воведот на Мото Проприото што се однесува на инструментални правни лица, односно на фондови, фондации и институции поврзани со Светиот Престол, заведени во списокот од член 1 став 1 од Статутот на Секретаријатот за економија, со седиште во Градот Ватикан.
Контрола и надзор
Иако овие институции се формално посебен правен субјект и имаат одредена административна автономија, мора да се признае – пишува папата Фрањо – дека тие се инструменти за постигнување на целите карактеристични за институциите на Куријата, кои се во служба на Петровиот наследник, и затоа тие се, освен ако не е поинаку наведено во нормативите со кои се основани, јавни институции на Светиот Престол. Затоа, бидејќи нивните световни добра се дел од имотот на Апостолскиот Престол, треба да бидат подложени – се наведува во документот – не само на надзорот на куриските институции од кои зависат, туку и на контролата и надзорот на економските тела на Римската курија.
На овој начин, инструменталните правни субјекти јасно ќе се разликуваат од другите фондации, здруженија и непрофитни организации кои се создадени на иницијатива на приватни лица и не се инструменти за остварување на целите на куриските институции. Постојните инструментални правни лица ќе треба да ги почитуваат одредбите на ова Мото Проприо во рок од три месеци од неговото влегување во сила, почнувајќи од 8 декември 2022 година.
Улогата на Секретаријатот за економија
Мото Проприото има осум члена. Третиот се однесува на надзор и контрола во економските и финансиските работи и утврдува дека Секретаријатот за економија врши надзор и контрола врз инструменталните правни лица во согласност со неговиот Статут и во рамките на својата надлежност донесува или им препорачува на инструменталните правни лица воведување на соодветни мерки за спречување и сузбивање на кривични дела.
Четвртиот и петтиот член ја регулираат сметководствената евиденција и размената на информации, при што, меѓу другото, се утврдува дека инструменталните правни лица се должни да достават буџет и завршна сметка до Секретаријатот за економија, во роковите утврдени од Секретаријатот и дека Секретаријатот за економија и Државниот завод за ревизија можат во секое време да пристапат до сметководствената евиденција, придружните документи и податоците поврзани со финансиските трансакции.
Членот 6 се однесува на престанок и пренос на имот и утврдува како инструменталните правни лица се укинуваат и ставаат во ликвидација со декрет на куријалната институција од која се канонски зависни, кога целта е постигната или станала невозможна или спротивно на законот, односно во случај на здруженија, кога со намалувањето на бројот на членови се оневозможени нивните активности.
Со оглед на потребата да се обезбеди органска и современа дисциплина на правните лица со седиште во Ватикан, Папската комисија за Градот Ватикан објави Закон – кој исто така стапува на сила на 8 декември 2022 година – со кој се проширува примената на Мото Проприото на институции на Градот Ватикан. Куриските институции и канцеларии на Римската курија, институциите поврзани со Светиот Престол, Управата на Градот Ватикан и институциите кои професионално вршат активности од финансиска природа се исклучени од опсегот на законот. Одредбата е дел од реформите зацртани од Папата во Апостолската конституција Praedicate Evangelium.
Ватикан њуз/к.мк