Ватиканскиот претставник во ООН: Секоја година се убиваат над 100 илјади христијани

Ватикан, 29.5.2013 /к.мк/ – Светата Столица изразува „длабока загриженост“ земајќи ги во предвид повредите на верската слобода и систематските напади врз христијанските заедници во Африка, Азија и Блискиот Исток. Тоа го истакна постојаниот набљудувач на Светата Столица во ООН монсињор Силвано Томазо на состанокот во седиштето на светската организација во Женева. Ватиканскиот претставник изнесе „шокантни резултати“ од „неверојатните истраги“, според кои „секоја година во светот се убиваат над 100 илјади христијани поради мотиви поврзани со нивната вера“. Други христијани, пак, продолжи ватиканскиот претставник, стануваат објект на „насилни иселувања, уривање на нивните култни места, силувања и киднапирања“, како последен пример е оној со двајцата митрополити во Сирија. Многу од овие активности се „плод на фанатизмот, нетолеранцијата, тероризмот и дискриминаторските закони“, посочи монсињор Томази. Освен тоа, во некои западни земји во кои христијанското присуство има историски корени, се засилува тенденцијата за „маргинализација на христијанството во јавниот живот“, како што се занемарува неговиот социјален и историски придонес и „дури се ограничуваат и можностите на верниците во областа на хуманитарната активност“. Советот за човекови права на ООН признава дека религијата и духовноста се во служба за промоција на човечкото достоинство, а христијанството е во служба на вистинското богатство на човештвото, потсети ватиканскиот претставник. Завршувајќи, монсињор Томази го цитираше папата Фрањо по повод прославата на Миланскиот едикт: „Насекаде да биде почитувано правото на јавно практикување на сопствената вера, а христијанството да биде прифатено без предрасуди, за да може да продолжи да придонесува во современата култура и општество“. (В.Н.)

Категорија: Свет

За авторот

Write a Comment

<