Бог е Отец и секогаш чека на нас

„Бог љуби и „не знае ништо друго да прави“ – истакна папата Фрањо во проповедта во петок 28 март на светата Литургија во капелата на домот Света Марта. Папата нагласи дека Бог секогаш нѐ чека и ни простува, „Бог е милосрдие“ и се весели кога Му се враќаме.

Бог има носталгија за нас, кога се одделуваме од Него. Папата во проповедта го коментираше првото литургиско читање, земено од пророк Исус Навин. Господ нежно ни говори, па и кога нѐ повикува на преобраќање, иако тој збор ни „звучи“ силен, тој го изразува Божјот љубезен копнеж. Тоа е желбата на Отецот која му вели на синот: „Врати се, време е да се вратиш дома“. Над овој поттик на Отецот можеме да молиме со часови – рече Папата.

Тоа е срцето на нашиот Отец, таков е Бог: никогаш не се изморува! Така секогаш правел, и покрај неверноста и отпадништво на народот. Бог секогаш се враќа, затоа што е наш Бог, Бог кој чека. Од она попладне кога Адам избега од Рајот со казна но и со ветување. Бог е верен, Тој е верен на своето ветување затоа што не може да се негира самиот себе. Верен е. Така сите нас нѐ чека во текот на историјата. Тој е Бог кој секогаш не чека – рече Светиот Отец.

Потсетувајќи на параболата за блудниот син, Папата рече дека Евангелието по Лука вели како таткото го здогледал синот од далеку затоа што го чекал. Таткото секој ден од терасата се наведнувал да види, дали се враќа синот. Чекал… А кога го здогледал, побрзал во пресрет и „му се обесил околу вратот“. Синот смислил што ќе му каже на татко му, но татко му го победил: „со својата прегратка му ја затвори устата“ – рече Папата.

Ова е нашиот Отец, Бог кој нѐ чека. Секогаш. Некој би можел да каже: „Но оче многу грешев, не знам дали Бог ќе биде задоволен“ Обиди се! Ако сакаш да ја спознаеш нежноста на Бог Отецот оди кај него и обиди се, па после ми го кажи тоа. Нашиот Бог нѐ чека и ни простува. Тој е милосрден Отец, простувањето не го изморува. Ние се изморуваме барајќи простување, но Тој не се изморува. Седумдесет по седум: секогаш… Од економски аспект, билансот е негативен. Бог е „губитник“: губи во билансот на нешатата, но „победува“ во билансот на љубовта – објасни папата Фрањо.

Тоа се случува – продолжи Папата – затоа што Тој прв ја одржува Заповедта на љубовта. „Тој љуби и друго не знае да прави“. Па и чудата кои Исус ги направи, со бројни болни, се знак на големи чуда кои Бог секој ден ги прави со нас, кога се осмелуваме да станеме и да одиме кај Него. А кога тоа ќе се случи, Бог слави; како таткото на блудниот син, Бог приредува славење, приредува гозба како и таткото на блудниот син – рече Папа додавајќи:

Животот на секој човек, секој маж, секоја жена, кои се приближуваат до Господ, ќе најде радост во славењето Божјо. Нека овие зборови ни помогнат да мислиме на нашиот Отец, кој секогаш нѐ чека, секогаш ни простува и се радува кога му се враќаме – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот