Богојавление: Отворено небо
Евангелието за празникот Богојавление (Матеј 3,13-17) ни зборува за тој настан и за Крштението Господово и како во тој момент се отвори небото и Духот Божји слегува како гулаб и се спушти над Него. (сп. Матеј 3,16). Ова е јасен знак од небото, сведоштво од Отецот дека Исус, кој го започнува своето јавно делување и послание, дека не е сам, туку е во заедништво со својот Отец. Присуството на Светиот Дух пак му дава на Исус сила за да го изврши до крај своето послание и волјата на Отецот небесен.
Бог Отец го претставува, сведочи за својот Син пред луѓето, пред избраниот народ, за да покаже дека тоа што ќе го навестува Исус не е човечко дело, туку Божјо и тоа е дел од заедништво меѓу Отец и Синот и Светиот Дух во планот за спасение на луѓето. Исус не бил сам во неговото послание.
Но и ние не сме сами во нашето послание. Колку е добро кога има некој нас да не претставува, колку е од помош кога сме некаде во непознато: прв ден на работа, прв ден на факултет, прва средба со некој претпоставен и колку е пријатно кога има некој да каже за нас два добри збора, зборови на подршка. Кога има некој да се застапува за нас. А тоа го прави Господ за нас секој ден.
Исто е и со нашето крштение. Со него ни е отворено небото и не сме сами во исполнувањето на Божјата волја. Бог е со нас, кој ни се јавува за да издржиме до крај и да го исполниме нашето послание во светот. Со ова Бог сака да ни покаже дека до него имаме пристап во секое време. Небото ни е отворено. Ако имаме некоја потреба, молба, треба да се обратиме на него. Бог ни го дава Светиот Дух. Преку него ги имаме сите средства кои ни се потребни за спасение, сите дарови кои ни се неопходни за да можеме да го исполниме нашето христијанско послание, ветувањето од нашето Крштение. Со крштението Бог ни вели: ти си мој возљубен син, моја возљубена ќерка, не се плаши, јас те подржувам….
Ние не сме заслужиле со ништо да бидеме накалемени на Исус, но затоа што Бог е добар, затоа што нѐ сака, нѐ избира, затоа што не сме за Него непознати, анонимци, ни дава крштение, ни го отвора небото.
Покрај празникот Богојавление, денеска Бог сака да ја зајакне нашата вера потсетувајќи нѐ и на неделата, на Воскресението Христово, нѐ потсетува на настанот кога е победен гревот и смртта. Со нашето крштение ние сме накалемени на Христос, а со тоа имаме соучество во таа победа. Но без заедништвото со Бог нема да имаме сила за да биде победен гревот и смртта. Ние самите сме немоќни и слаби, имаме потреба да се наполниме со сила одозгора која доаѓа од отвореното небо кое Бог го отвора за нас.
о. Гоце Костов