Блискиот Исток како ковчег на мирот, а не на војна

Блискиот Исток како ковчег на мирот, а не на војна

По завршувањето на средбата зад затворени врати со поглаварите на католичките и православните Цркви во Бари, папата Фрањо се обрати на присутните верници на плоштадот пред базиликата Свети Никола, предупредувајќи при тоа дека не може да се зборвуа за мир, додека потајно се води трка за вооружување.

Го гледаме Блискиот Исток во мака поради насилство и егоизам, но денес, и покрај сѐ, не постои вистинска алтернатива за мирот – истакна папата Фрањо во својот говор на плоштадот Свети Никола во Бари на 7 јули 2018 година. Примирјата кои ги гарантираат ѕидовите и покажувањето на моќ не водат кон мир, туку тоа може да се направи само со вистинска желба да се слуша и да се стапи во дијалог – нагласи Папата, напоменувајќи дека тоа е одлучувачки за оние кои се со позиции на моќ конечно и одлучно да одберат да работат за вистински мир, а не само за сопствените интереси.

Сиромашните се жртви во војните

Неколкумината нека престанат да ги искористуваат страдањата на многумината! Нека престане окупацијата на земјата која ги раздвојува народите. Нека се прекине превласта на полувистината над надежта на народите. Нека престанат Блискиот Исток да го користат за цели, што немаат никаква врска со Блискиот Исток! – предупреди папата Фрањо додавајќи потоа дека војната е злосторство кое трагично го погодува тоа сакано подрачје. Сиромашните се главните жртви во војните – рече Светиот Отец свртувајќи внимание на војната од која е погодена Сирија. Војната е ќерка на моќта и сиромаштвото, а се надминува со отфрлање на жедта за надмоќ и искоренување на сиромаштвото – објасни Папата.

Фундалемтализмот и фанатизмот поттикнуваат судири

Светиот Отец напомена дека многу судири исто така се поттикнати од облици на фундаментализам и фанатизам, кои под закрилата на религијата, всушност го хулат името Божјо, кое е мир, и го прогонуваат братот кој отсекогаш живеел до него. Оружјето секогаш поттикнува насилство – рече Светиот Отец и додаде: Не може да се зборува за мир, додека потајно се води трка за вооружување. Тоа е најсериозната одговорност која е на совеста на нациите, посебно на најмноќните.

Не заборавајте ги лекциите од минатото

Да не го заборавиме минатиот век – предупреди Папата и продолжи: Да не ги заборавиме лекциите од Хирошима и Нагасаки. Да не го претвориме Блискиот Исток, каде се појави Словото на мирот, во мрачно пространство на тишина. Да го завршиме тврдоглавото противење и жед за заработка која крадешкум ги искористува нафтените и плинските полиња не земјаќи обѕир на нашиот заеднички дом, како и на фактот дека сега енергетскиот пазар го диктира законот на соживот меѓу народите – рече папата Фрањо и додаде: Секоја заедница нека се заштити, а не само мнозинската. Нека се отвори пат за правото на заедничко граѓанство, како пат за обновена иднина. Христијаните се и би требало да бидат, полноправни граѓани кои уживаат еднакви права – напомена Светиот Отец.

Ерусалим: свет град за христијаните, евреите и муслиманите

Со длабока тага, но и со постојана надеж, го упатуваме својот поглед кон Ерусалим, град за сите народи, единствен и свет град за христијаните, евреите и муслиманите од целиот свет – рече папата Фрањо и продолжи: Тоа е град чиј идентитет и послание треба да се чува од разни спорови и напнатости и чиј status quo треба да се почитува како што одлучи меѓународната заедница и како што секогаш одново барале христијанските заедници во Светата Земја. Само договореното решение помеѓу Израелците и Палестинците, кое одлучно го сака и промовира меѓународната заедница, може да доведе до стабилен и траен мир и ќе грантира соживот за двете држави за двата народи – објани Папата.

Надежта има лице на деца – напомена Светиот Отец. Веќе со години на Блискиот Исток застрашувачки број млади ја оплакуваат насилната смрт во своите семејства и гледаат како на нивните домови им се закануваат, а често единствената перспектива им е бегството. Тоа е смрт за надежта. Премногу деца го поминуваат поголемиот дел од својот живот гледајќи рушевини, наместо училиште. Човештвото нека го слушне крикот на децата – повика папата Фрањо и заврши: Нека Блискиот Исток престане да биде ковчег на војна, кој се протега на континентите, и нека стане ковчег на мирот кој прифаќа различни народи и вероисповеди.

По завршувањето на средбата учесниците со автобус се упатија на ручек во надбискупијата, каде папата Фрањо се опрости од присутните патријарси, а пред враќањето во Ватикан ги поздрави претставниците на властите, кои го пречекаа на пристигнувањето.

Ватиканњуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот